Неколку стотици луѓе денеска протестираа во Москва против неодамна одобрените уставни измени, со кои му се овозможуваат уште два мандати на претседателот Владимир Путин, односно му се отвора пат да биде на власт до 2036 година.
Демонстрантите извикуваа „Путин поднеси оставка“ и „Путин крадец“.
Протестот се одржа под силно полициско присуство на плоштадот Пушкин, додека во руската престолнина паѓаше дожд.
Демонстрантите ја потпишаа петицијата против уставните измени што беа донесени на националниот, необврзувачки референдум во Русија, кој поради пандемијата на коронавирус траеше од 25 јуни до 1 јули. Меѓу другите измени, амандманите му овозможуваат на Путин да бара уште два претседателски мандати по завршувањето на неговиот сегашен втор, последователен претседателски мандат во 2024 година.