Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска побара оставки од министерот за финансии Владислав Горанов, министерот за внатрешни работи Младен Маринов и од министерот за економија Емил Караниколов.
Одлуката е донесена по состанокот меѓу Борисов и регионалните координатори на неговата партија ГЕРБ.
Во меѓувреме, во Бугарија седми ден по ред се одржуваат антивладини протести. Демонстрантите се собраа во центарот на Софија попладнето околу 17 часот по локално време и се очекува протестот да продолжи до доцна во ноќта, јавија бугарски медиуми. Засилено е присуството на полицијата во бугарскиот главен град.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов го отфрли барањето на претседателот Румен Радев, неговата влада, соочена со масовни антивладини протести, да поднесе оставка.
Тој предупреди дека последиците од пандемијата врз бугарската економија ќе бидат многу сериозни и рече дека на самитот на ЕУ в петок, ќе се заложат дека Бугарија да добие финансиска помош од фондот за обнова од корона-кризата, што треба да изнесува 750 милијарди евра (857 милијарди американски долари).
Илјадници Бугари протестираат со денови на улиците на Софија, барајќи оставка на Борисов и главниот државен правобранител, обвинувајќи ги за корупција и мафијашко однесување. Протестите, во меѓувреме, се проширија во црноморските градови Варна и Бургас и Пловдив на југ.
Протестите почнаа откако главниот правобранител Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот и апсење на двајца соработници на Радев. Гешев го обвини Радев за неуставно однесување и на Твитер напиша дека ја нарушил независноста на судството и извршил притисок врз обвинителството.
Протестите ги поддржува опозициската Социјалистичка партија, чии гласови во 2016 година го донесоа Радев за претседател. Следните парламентарни избори се закажани за март 2021 година.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев во денешно обраќање до демонстрантите истакна дека интригите на државниот обвинител и на Владата и одбивањето да се слушне гласот на граѓаните само ја продолжува кризата.
Тој додаде дека протестите се национален консензус против мафијата, корупцијата, поврзаноста на државата и медиумите и против поткопување на демократските институции и закони.
Радев апелираше протестите да бидат мирни и да се избегнува насилство и провокации.