Претставниците на тетовската општинска изборна комисија соопштија дека излезноста до 9 часот изнесува 4,7 отсто, што претставува зголемување за еден процент во однос на 2019 година, кога имаше претседателски избори. Од таму потенцираат дека нема ниту еден проблем пријавен до ОИК Тетово од страна на избирачките одбори од 117 места.
„До 9 часот има излезност од 4,7 % што е повеќе од претседателските избори лани, кога до 10 часот беше 3,7% што значи за овој период имаме еден процент поголема излезност. Забележуваме дека голем е бројот на постари лица кои своето право на глас го остваруваат во утринските часови пред зголемување на температурите и пред да се создадат гужви“, изјави Артан Адеми, претседател на ОИК Тетово.
Во шесте општини на тетовскиот регион денеска можност за гласање имаат вкупно 184.132 граѓани со право на глас. Своето избирачко право ќе може да го остварат на вкупно 265 избирачки места. Најмногу избирачи има во општина Тетово, со 84.454 гласачи на 117 избирачки места.