Сите гласачки места на кои Граѓанската Асоцијација МОСТ има распоредено свои набљудувачи се отворени навреме и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање, беше речено на првата денешна прес-конференција на МОСТ. Тие велат дека гласањето се одвива безбедно, согласно со здравствените протоколи.
Во текот на денот на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 20 проценти од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава, како и 20 проценти од гласачките места во рамките на секоја изборна единица.