Во тетовскиот регион 184 132 граѓани со право на глас

Илустрација, Тетово

Во шесте општини на тетовскиот регион денес можност за гласање ќе имаат вкупно 184.132 граѓани со право на глас. Своето избирачко право ќе може да го остварат на вкупно 265 избирачки места.

Најмногу избирачи има во општина Тетово, со 84.454 гласачи на 117 избирачки места. Следува Боговиње со 27.812 гласачи и 38 избирачки места. Во Желино општинската изборна комисија има 23.926 гласачки ливчиња, а бројот на избирачки места е 35.

Теарце брои 22.238 гласачи и 30 избирачки места. Во Брвеница има 24 избирачки места каде што ќе може да гласаат 15.534 граѓани. Најмалку гласачи има во општина Јегуновце, каде што се регистрирани 10.168 гласач и 21 избирачко место.

„Изборната комисија за општина Тетово за денот на изборите има предвидено дислокација на неколку избирачки места. Сите оние кои досега биле лоцирани во објектот на ЈКП Тетово на градски пазар се дислоцираат во ОУ Братство- објект Спортски центар, додека сите избирачки места од општина Тетово се преместуваат во ОУ Лирија“, соопштија од ОИК Тетово.

Во понеделникот во тетовскиот регион 80 лица беа вкупно пријавени поради потребата да бидат дома во изолација или болни од Ковид-19. Своето право на глас од дома вчера евидентирани како болни и изнемоштени имаа можност да го остварат 192 лица во сите шест тетовски општини.