Забрането учество на изборите во Белорусија за главните ривали на Лукашенко

Виктор Бабарико

Белоруските власти денеска им забранија учество на претстојните претседателски избори на двајцата главни ривали на авторитарниот претседател Александар Лукашенко.

Централната изборна комисија одлучи на гласачкото ливче да има пет кандидати, но не и Валери Цепкало и Виктор Бабарико, со што Лукашенко остана без сериозна конкуренција.

Бабарико, поранешен директор на банка во руска сопственост, собра повеќе од 400 илјади потписи за поддршка, четири пати повеќе од потребниот број, но минатиот месец беше уапсен под сомнеж за перење пари.

Како причина за одбивање на неговата кандидатура, власти наведоа неконзистентност во пријавениот имот и учество на странска организација, руската банка Белгаспромбанк, која порано ја водел, во неговата кампања.

Штабот на Бабарико соопшти дека ќе ја обжали одлуката.

Цепкало, поранешен амбасадор во САД и основач на високотехнолошки парк, предаде 160 илјади потписи за поддршка, но Комисијата соопшти дека само 75 илјади биле валидни, што е недоволно за кандидатура.

На изборите ќе учествува сопругата на популарниот блогер Сергеј Тихановски, кој беше уапсен зашто наводно нападнал полицаец, но Светлана Тихановска престана со водењето активна кампања во страв од понатамошни последици.

Аналитичарите оценуваат дека никој од преостанатите кандидати не претставува закана за Лукашенко, кој на изборите на 9 август ќе се бори за шести мандат.

Лукашенко, познат по задушувањето на опозициските активности и независните медиуми, со цврста рака владее со земјата со 9,5 милиони жители од 1994 година.