Нова истрага против бугарскиот коцкарски могул Божков за „дејствија против земјата“

Бугарскиот коцкарски могул Васил Божков

Специјалното обвинителство на Бугарија денеска соопшти дека почнало нова истрага против коцкарскиот магнат Васил Божков во врска со неговото вмешаност во злосторничко здружување со новинари и политичари со цел да изврши дејствија против земјата.

Иако делото не е прецизирано, се чини дека предмет на истрагата е предавство, што е дефинирано во Кривичниот законик како учество во обид за насилно преземање на централна или локална власт при бунт или вооружено востание со цел соборување, поткопување или ослабување на државната моќ во земјата, пренесува БТА.

Предавството се казнува со 10 до 20 години затвор, доживотен затвор или доживотен затвор без замена со друга казна.

Претходно денеска, портпаролката на главниот обвинител Сика Милева рече дека новата истрага ќе ги разјасни врските меѓу страните обвинети за организиран криминал, новинарите и политичарите.

Што се однесува до новата истрага, обвинителството објави транскрипти од четири прислушувани телефонски разговори што се одржале во јуни и јули 2020 година меѓу Божков и новинарот Огњан Стефанов, како и меѓу Божков и Александар Паунов, лидер на Бугарската комунистичка партија.

Од транскриптот се гледа дека Божков организирал и финансирал антикорупциски протести што се одржуваат секој ден во целата земја од минатиот четврток, со барање за оставка на премиерот Бојко Борисов, неговата влада и државниот обвинител Иван Гешев.

Божков изјави дека негова единствена цел е да ја отстрани, како што рече, хунтата од власт и да ги собори Борисов и министерот за финансии Владислав Горанов.

Против Божков веќе се подигнати 18 обвиненија за затајување на повеќе од 700 милиони лева во надомест за коцкање, перење пари, изнуда, мито, убиство, поттикнување убиства, обид за силување, водење организирана криминална група од 2014 година, тргување со влијанија и незаконско поседување културни добра.