ДИК: Гласаа 723 заболени од ковид-19 и луѓе во изолација

ДИК

Вкупно 723 луѓе го искористиле правото на глас во рамки на денешното гласање на лица заболени од ковид-19 и во самоизолација, информираше денеска Државната изборна комисија. За гласање до ДИК се пријавиле 823 луѓе, од нив биел прифатени барањата на 759 луѓе. Од нив 36 не го искористиле правото на глас.

Во текот на денот, ДИК излегуваше со различни бројки на пријавени и прифатени барања за гласање. Претседателот на ДИК Оливер Деркоски појасни дека било утврдено дека треба да гласаат 759 лица, а разликата што се јавува во бројките кои ги соопштиле претходно е од причина што тие одлучувале и прифатиле одредени приговори од граѓани.

„ДИК и државата обезбедија целосно сигурно гласање на сите наши граѓани кои беа во оваа категорија на гласачи, а со тоа можам да кажам дека ДИК си ја заврши својата задача и за останатите два дена за гласање кога ги повикувам сите наши граѓани да излезат и гласаат, и да не се грижат за своето здравје затоа што на гласачките места ќе бидат максимално безбедни“, изјави Деркоски.

Од денешното гласање се објавува само излезност, а не бројки. Ливчињата остануваат запечатени во пликоата, кои се наоѓаат во гласачките кутии. Така ќе биде и на утрешното гласање.Првични резултати се очекуваат по гласањето во среда.

Право на глас на изборите имаат еден милион 814 илјади и 263 граѓани. Утре гласаат болните и немоќните чиј број изнесува 8.852, лицата во 13 Казнено-поправни установи и тоа 1.657 и шест внатрешнораселени лица. Во 17 старски домови правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.