Унгарија забрани влез на патници од Западен Балкан поради ковид-19

Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Белорусија, Црна Гора и Украина се земјите кои спаѓаат во црвената зона и чии што државјани нема да смеат да влезат во Унгарија од вторник на полноќ, јавува новинската агенција АФП.

Унгарија воведе нови ограничувања на границата за да се обиде да го спречи ширењето на коронавирусот, додека другите земји членки на ЕУ се обидоа да воведат мерки за заштита ,но и да овозможат послободно движење на луѓето.

Унгарската Влада соопшти дека забранува влез во земјава на патници од Африка, поголем дел од Азија, освен Кина и Јапонија, и го ограничува влезот од неколку европски земји. Шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гулијас изјави дека унгарските здравствени работници ги поделиле 154 земји во три категории на ризик, врз основа на бројот на инфекции со коронавирусот.

„Ние треба да ја штитиме нашата безбедност, за да не ни се случи повторно влегување на вирусот од странство, нивото на новозаболени во земјава е во опаѓање и ние сакаме тој тренд да го задржиме,“ изјави тој пред новинарите во Будимпешта.

Влегувањето во Унгарија ќе биде забрането за сите државјани од црвената зона во која покрај дел од земјите во Европа, спаѓаат и сите африкански и дел од азиските земји, без Кина и Јапонија.

Унгарските државјани кои ќе се вратат од земјите што се на листата во црвена зона, мора да поминат тест за вируси и да подлежат на задолжителен 14 дневен карантин.

Во жолта зона се земјите како САД, Велика Британија, Норвешка, Србија, Русија, Кина и Јапонија, чии што државјани или пак патници од Украина кои престојувале во овие земји, по влезот на украинската територија ќе треба да добијат негативни резултат од тестот за ковид-19, а доколку не се тестираат ќе треба да одат во двонеделен карантин.

За земјите од зелената зона нема да важат никакви ограничувања.

Унгарија до сега во јавноста соопшти дека од почетокот на пандемијата биле евидентирани 4200 заболени од ковид-19 но и 595 смртни случаи.