Денеска на полноќ стратува изборниот молк, по што од утре почнува тридневното гласање за предвремените парламентарни избори. По 20 дена во кои партиите и коалициите ја претставуваа својата понуда пред граѓаните, вечерва официјално завршува изборната кампања. За прв пат во земјава поради актуелната состојба со корона вирусот, гласањето на изборите ќе се одвива три дена и тоа во работни денови.
Според Роковникот за одржување на изборите, утре ќе гласаат оние кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД 19 и лицата на кои им е определена мерка самоизолација. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК.
Немоќните и болни лица, хронично болните, времено раселените лица, лицата згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа, како и затворениците и оние кои се во домашен притвор, ќе гласаат во вторник, еден ден пред одржувањето на изборите.
Во среда, на денот на изборите, гласањето ќе започне од 7 часот, но ќе трае до 21 часот, односно ќе биде продолжено два часа подолго за разлика од претходните изборни циклуси.
Граѓаните ќе избираат меѓу кандидатите на 15 коалиции и партии. Право на глас имаат 1.814.263 граѓани запишани во Избирачкиот список.
Поради пандемијата со коронавирусот, гласањето ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните подготвени од Комисијата за заразни болести.