Туристичките агенции бараат субвенции за плати до крајот на 2020

Илустрација

Туристичките агенции велат дека поради пандемијата повеќе од четири месеци немаат резервации и не остваруваат никакови приходи и затоа бараат продолжување на мерките за помош од државата до крајот на 2020 година, соопшти Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ).

Во спротивно, како што велат од СКТМ, голем дел од туристичките агенции ќе банкротираат, а вработените ќе станат невработени. За разлика од другите сектори кој почнаа со работа туристичките агенции се уште се затворени и затоа бараат продолжување и на мерките за помош до крајот на годинава.

Од Комората за туризам бараат продолжување на мерката за субвенционирање на плати од 14.500 денари до крајот на годината, како и на мерката за субвенционирање на придонесите за плати. Наместо 50 отсто, бараат придонесите да бидат субвенционирани со 100 отсто бидејќи туристичките агенции не остваруваат никакви приходи. Исто така дел од барањата е ослободување на плаѓање на ДДВ и данок на аконтации, како и одложување на кредитите до крајот на годината.