Директорот на полицијата Владимир Ребиќ изјави денеска дека во текот на дводневните протести се повредни 118 полициски службеници, на кои им е укажана помош во здравствените установи во повеќе градови низ Србија, а синоќа се приведени 153 лица.
„Граѓаните и синоќа беа сведоци на неверојатни размери на насилство во Белград, туку и во Нови Сад, Ниш и Крагуевац. Такво насилство е неприфатливо и полицијата ќе ги преземе сите мерки со цел да го спречи насилството на улиците, а хулиганите ќе одговараат“, истакна Ребиќ.
Тој додаде дека е причинета голема материјална штета, бидејќи демонстрантите го оштетиле имотот на граѓаните, како и јавниот имот.
Инаку повод за дводневните протести низ повеќе градови во Србија беше најавите на српскиот претседател Александар Вучиќ за повторно воведување полициски час и рестриктивни мерки поради зголемувањето на бројот на заболени од коронавирус.
Премиерката Ана Брнабиќ денеска рече дека кризниот штаб за справување со коронавирусот донел неколку нови мерки за спречување на ширење на болеста, но нема да се воведе полициски час. Таа нагласи дека веќе немаат капацитети во болниците во Белград за прием на нови пациенти заболени со Ковид19.