Српскиот кризен штаб за справување со коронавирусот донесе неколку нови мерки за спречување на ширење на болеста, но нема да се воведе полициски час откако две ноќи по ред во Белград се одржаа протести на кои дојде и до судири со полицијата. Протестите беа поттикнати од владиниот одговор на епидемијата.
Премиерката Ана Брнабиќ денеска рече дека е донесена одлука за забрана за собирање на повеќе од десет луѓе во главниот град Белград. Таа рече дека иако полицискиот час би бил поефективна мерка тие се откажале бидејќи за да се спроведе неопходно било да се прогласи вонредна состојба. Другите донесени мерки вклучуваат правила за физичка дистанца, ограничен број луѓе во затворен простор, ограничување на работното време на сите објекти во затворен простор и други.
"Ние немаме веќе болнички капацитети да ги примиме пациентите во Белград. Тоа што се случуваше синоќа и претходната ноќ ќе го платиме скапо и сега ќе би видиме колку од тие луѓе што беа таму се заразиле. Тоа ќе го видиме во следните пет, шест, десет дена“, рече Брнабиќ.
Инаку повод за протестите беа најавите од српскиот претседател Александар Вучиќ за повторно воведување полициски час и рестриктивни мерки поради зголемувањето на бројот на заболени од коронавирус.