Османи бара да се разрешат косовските министри кои го поддржуваат претседателот на Србија

Претседателката на Собранието на Косово Вјоса Османи

Претседателката на Собранието на Косово Вјоса Османи ги повика парламентарните партии во земјата да поддржат резолуција со која ќе се разрешат членовите на косовската Влада од редовите на најголемата партија на српското малцинство, Српската листа (СЛ), кои јавно го поддржуваат и сработуваат со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Според спикерката на косовското Собрание, недозволиво е во кабинетот на нејзиниот сопартиец од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), премиерот Авдулах Хоти, и натаму да останат луѓе кои „му се придружија на Вучиќ во неговата политичка и дипломатска кампања“ против Косово.

„Повикот на СЛ, коалицискиот партнер од чии гласови зависи Владата на Косово, за поддршка на политичката и дипломатска позиција на Србија против Косово, е повик против уставниот поредок и суверенитетот на нашата земја. Ги повикувам политичките партии да го поддржат усвојувањето на резолуција/декларација во Собранието, со кое се бара од Владата да ги разреши нејзините членови кои му се приклучија на Вучиќ во политичката и дипломатска кампања против нашата земја“, напиша Османи на својот Фејсбук.

Иако е членка на истата партија како и премиерот Хоти, Османи остро се спротивстави на сменувањето на претходниот премиер, лидерот на партијата Движење самоопределување (ВВ), Албин Курти и на формирањето нова влада предводена од нејзината партија.

На 20 јуни, две недели по разрешувањето на Курти и изгласувањето на владата на Хоти, Османи беше разрешена од потпретседателската функција во ЛДК, но остана членка на партијата, како и претседателка на Собранието.

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, која е дел од коалицијата во Владата на Хоти, отворено е поддржана од официјален Белград, со кого е во постојан контакт и координација.