Договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција се составен дел на преговарачката рамка на ЕК за Македонија и Албанија, изјави бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за нашата земја Илхан Ќучук.
Тој појаснува дека во рамката на ЕУ за Северна Македонија не постои експлицитен текст во кој се инсистира на продолжување на работата на Заедничката бугарско – македонска комисија за историски прашања, пренесе МИА.
„Во текстот не се оди многу во детали. Не е обврска на Европската комисија детално да пишува, особено во таков рамковен документ, како ќе бидат решени билатералните спорови меѓу двете страни. Принципиелна позиција е да се почитуваат добрососедските односи и во тој контекст да продолжат започнатите разговори“, изјави Ќучук за Бугарската национална телевизија, јави МИА.
Според него, владеењето на правото ќе биде приоритет во текот на преговарачкиот процес.