Очекуваме убедлива изборна победа, освојување парламентарното мнозинство над 61 пратеник со што ќе може да се формира влада без условувања, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев на вечерашниот телевизиски дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на МТВ.
„Јас сум убеден дека ќе добиеме огромно мнозинство, не е невозможно да добиеме и парламентарно мнозинство од 61 пратеник, ние ја имаме најшироката мултиетничка комплетна коалиција со сите етнички заедници застапена внатре, но убеден сум дека ќе има доволен број голем на пратеници за да можеме без каков било услов да со другите преговараме сочинувајќи парламентарно мнозинство и новата македонска влада“, изјави Заев.
Во изборна победа верува и Мицкоски, но вели, сега не сака да зборува за бројки. Очекува ВМРО-ДПМНЕ да добие убедлива поддршка од граѓаните и да го порази СДСМ на 15 јули.
„ Јас не би сакал да зборувам за бројки, туку би сакал да зборувам повеќе за суштина затоа што бројките ќе ги видиме егзантно кога ќе дојде 15 јули ќе видиме каква е волјата на граѓаните. Јас сум убеден во победата на коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, претпоставувам нашиот политички противник е убеден дека тие ќе бидат тие коишто ќе победат и сега тука знаете се создава еден вид какафонија“, рече Мицкоски.
Двајцата противкандидати на претстојните избори меѓусебно се обвинуваат за ситуацијата со корона вирусот. Заев предлага медал за здравствените работници, а Мицкоски обвинува за лошо менаџирање со коронакризата. Лидерот на СДСМ меѓудругото го обвини Мицкоски дека се уште е под целосна контрола на Никола Груевски, кој, како што наведе, од Будимпешта им ги напишал и изборните листи.
Мицкоски одговори дека напротив, Заев и СДСМ се преокупирани со Никола Груевски, истакнувајќи дека претседател на ВМРО-ДПМНЕ е тој, а партијата се раководи по одлуки донесени на Извршниот и Централниот комитет.