Претседателот на САД, Доналд Трамп, беше домаќин на настанот во Белата куќа за одбележување на Денот на независноста, додека земјата се соочува со наплив на случаи на коронавирус и протести за расната неправда. Меѓу гостите на прославата беа припадници на армијата и здравствени работници. Илјадници луѓе се собраа пред Националниот трговски центар во центарот на Вашингтон за да го проследат огнометот.
Трамп упати пофалби за справувањето со коронавирус во земјата и порача дека 99 проценти од инфекциите се „тотално безопасни“, иако бројот на починати од пандемијата достигна 130.000.
Трамп предупредува на екстремно левичарскиот фашизам
Тој повторно како и ден претходно ги осуди „лутите толпи“ и „радикалната левица“ како опасност за американските вредности и историја.
„Сега сме во процес на поразување на радикалната левица, анархистите, агитаторите, ограбувачите и народот кој, во многу случаи, нема апсолутно никаков поим што прави“, рече тој.
Тој додаде дека никогаш нема да доволи толпата да ги сруши статуите, да ја избрише историјата и да ги индоктринира децата.
„И ние ќе го заштитиме и зачуваме американскиот начин на живот, кој започна во 1492 година кога Колумбо ја откри Америка“, додаде Трамп.
Неколку часа откако зборуваше Трамп, демонстрантите во блискиот град Балтимор соборија статуа на Кристофер Колумбо. Во Вашингтон демонстрантите маршираа низ улиците, а Белата куќа е централна точка на протестите кои траат повеќе од еден месец против полициската бруталност и расната нееднаквост по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд од рацете на полицијата кон крајот на мај.