ООН загрижена поради новиот кинески закон за безбедност за Хонг Конг

протести во централниот дел на Хонг Конг

Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права изрази загриженост во врска со „нејасните и премногу широки“ одредби од новиот кинески закон за безбедност за Хонг Конг.

Портпаролот на канцеларијата на ООН Руперт Колвил изјави дека одредбите можат да доведат до пристрасно толкување и гонење на активисти, што би го нарушило правото на слобода на собирање и изразување.

„Ние сме вознемирени поради апсењата што веќе се прават според овој закон, кои стапија на сила веднаш. Загрижени сме што дефинирањето на индивидуалните престапи во законот е нејасно и премногу широко и дека не постои соодветна разлика помеѓу насилните и ненасилните дела“, рече Колвил на прес-конференцијата во Женева.

Тој рече дека стотици луѓе се веќе уапсени и дека најмалку десет лица се обвинети од моментот кога законот стапи во сила пред два дена, додавајќи дека законот „може да доведе до дискриминаторско или пристрасно толкување и примена на законот, што пак би можело да ја поткопа заштитата на човековите права“.

Во меѓувреме, Кина го назначи Жен Јансинг за шеф на новата Агенција за безбедност во Хонг Конг, јави Би-Би-Си. Тој е познат по улогата која ја имаше во решавањето на спорот за земјиштето во јужното кинеско село Вукан.