Ахмети - А, зошто да не инсистираме на премиер Албанец?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ахмети: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат силна ДУИ

Зошто сега да не биде премиер Албанец, да преземе одговорност? И ние сме граѓани на оваа држава, ова е наша држава, ова е наша татковина, и ние сакаме да ги покажеме нашите способности за управување со неа, вели во интервју за РСЕ, лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Господине Ахмети, на изборите одите со паролата „Време е за премиер Албанец“. Зошто инсистирате на националноста?

Зошто да не инсистираме?! Значи, јас очекувам одговор од тие што велат: Зошто ние бараме премиер Албанец и сум љубопитен да ги слушнам причините на останатите што се против оваа идеја и со задоволство и нетрпение очекувам да се произнесат за причините дадени од нивна страна. Легитимно право - да, граѓанин на оваа држава - да, поборник за сите прашања што се однесуваат на државата, нејзиниот интегритет, суверенитет и иднина - сите овие доблести ги поседува нашиот кандидат за премиер Албанец и, која е причината, каде е пречката оваа земја да не се води од еден премиер Албанец?! Што и се случи на Македонија со претседателот на Собранието на нашата Република? Тој управуваше на одличен начин и сум слушнал за доста високи проценки дадени како од позицијата, така и од опозицијата за неговото работење и ова е видено досега и - зошто сега да не биде еден премиер Албанец, да преземе одговорност? И ние сме за да излеземе во пресрет, и ние сме граѓани на оваа држава - ова е наша држава, ова е наша татковина - и ние сакаме да ги покажеме нашите способности за управување со неа. Така што, ќе се навратам пак на вашето прашање, дека очекувам одговор од сите тие што се спротивставуваат на оваа идеја.

Зошто изборот падна на Насер Зибери? Дали се надевате на гласовите од поддржувачите на неговата поранешна партија ПДП?

Не, не сметам само на симпатизерите на Зибери како кандидат за Премиер. Јас сметам и на гласовите на нашите сограѓани Македонци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби кои ќе гласаат за кандидатот со кој ние се натпреваруваме.

Зошто на кандидатските листа речиси и да немате Македонци. Како тогаш очекувате Македонците да гласаат за премиер Албанец?

Треба да бидеме поотворени (објективни) кон оваа прашање. Уште постојат предрасуди; нашето општество сè уште е поделено по етничка основа, но оваа не значи дека сите наши дејствија не придонеле на мотивацијата на луѓето да имаме едно подобро организирање, едно организирање засновано на идеи, а не на етничка основа во иднина. За жал, уште постојат предрасуди и ние не можеме да преземеме невнимателни чекори, затоа што навистина сакаме да му служиме на идното организирање засновано на идеи. Самото наше организирање кога први излеговме со концептот за консензуален претседател служеше во однос на прашањето во иднина да придонесеме кон креирањето на една таква поставеност која ќе биде заснована на идеи и тоа претставуваше една порака до нашите македонски сограѓани, што не беше случај порано. Пред нешто повеќе од една година се оддржаа претседателските избори и ние пристапивме без ниеден услов во оваа област и, секако, и претходните коалиции склучени во општини каде ние не можеме да победиме со кандидати Албанци - да речеме, во Градот Скопје, Куманово, Охрид се солидаризиравме и се договоривме да се поддржи кандидатот од македонската заедница и целта за постапување на овој начин не беше да освоиме победа, туку да дадеме една порака во иднина нашите сограѓани Македонци да му претходат на еден процес, за кој мислам дека не може да се случи во скоро време, затоа што е потребен голем напор за промена на размислувањата, меѓусебните предрасуди. Не велам дека не постојат предрасуди и кај Албанците во однос на Македонците, но ова останува наша постојана должност, на политичките партии, медиумите, политичките чинители, аналитичари, сите да работиме и да придонесеме кон изградба и надградба на такви субјекти кои ќе бидат засновани на идеи. Во перспектива тука ја гледам и одржливата стабилност на државата.

Видете и ова: Коронавирусот алатка контра политичкиот противник

Значи сметате дека општеството не е зрело за Албанец премиер поради предрасудите?

Не, тоа се однесуваше на Претседателот, не се однесува на премиерот. Прашањето за премиер претставува друго поглавје. Тоа претставува потполно друга ситуација - владите во континуитет се политички, партиите седнуваат на преговори, постојат многу случаи, не само во регионот на Балканот, туку и во Европа, каде премиер на една држава се избира и од политичка партија која има помалку пратеници. Ние не претендираме дека ќе имаме повеќе пратеници од СДСМ или од ВМРО, нашите претензии се дека ќе бидеме победници кај албанскиот електорат и Владата што ќе се формира, ќе биде заснована на преговори.

Дали во Арачиново, кое се сметаше за еден од бастионите на ДУИ, а на минатите избори победи СДСМ, сметате дека им е поважна идејата за Албанец премиер или тоа што не им направивте фекална канализација?

Видете, волјата на граѓаните не може ниту да се наметнува, ниту да се предодреди, а ниту пак може да се предвидува. Ние сме работеле за да освоиме победа во Арачиново, 15-ти јули ќе биде моментот кој ќе покаже дали сме работеле добро или не.

Досега главни ветувања на ДУИ беа ЕУ и НАТО. Откако земјава стана членка на НАТО, а се очекуваат и преговорите со ЕУ, што ќе им понудите на гласачите?

Досега работите се одвиваа добро и сега се отвора едно ново поглавје: да се забрза патот за зачленување на нашата земја во ЕУ. Кој е тој пат? Исполнување на стандардите. Ако ние ги исполнуваме стандардите - јас не сум претеран оптимист и не сакам да манипулирам со чувствата на граѓаните, но им гарантирам дека ако ние со голема одговорност ги исполнуваме стандардите - пред сè, владеењето на правото, вистинскиот ветинг, со сигурност го забрзуваме и патот за членство и во период од пет години би можеле да бидеме членка на ЕУ. Но, треба да се работи напорно, затоа што сметам дека вистинскиот развој на нашата земја се постигнува преку членството на земјата во ЕУ. Јас мислам дека вистинскиот напредок нашата земја ќе го постигнеме преку исполнувањето на европските стандарди - ако ние ги исполнуваме стандардите, стануваме членка на ЕУ и јас не гледам ниедна причина за колебање во насока на исполнување на тие стандарди; тие стандарди се бараат за наше добро, ние бараме да станеме членка на ЕУ, ние бараме тие стандарди да се спроведуваат овде и дека нашата силна и челична волја ќе ги спроведува и материјализира тие стандарди. Членството на Македонија во ЕУ во рок од пет години не претставува ниту утопија, ниту недостижен сон.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев порача дека во недостиг на економска понуда ДУИ се враќа кон национализмот и дека во СДСМ има фунцкионери Албанци и нема проблем за премиер и претседател. Како го коментирате ова?

Не сакам да дадам коментари во време на изборна кампања. Јас кажав дека сакам да ги слушнам во дебата тројцата кандидати за премиер, да се види кои се причините, таму нека ги образложи причините. Јас уште на почетокот кажав: зошто да не?

Можна ли е победа на СДСМ во шестата изборна единци како што најави Заев?

Јас не сакам да се занимавам со предрасуди, јас не сакам да се занимавам со...

СДСМ заедно со Беса од последните избори имаа шест пратеници, исто колку и ДУИ.

На минатите избори не пристапиле заедно.

Но сега се во коалиција.

Не гледам никаков ризик, не постои ризик, според сите сондажи од анкетите, тешко е да се победи ДУИ. Никогаш не сме се занимавале со предрасуди, никогаш не сме се бавеле со тоа колку пратенички места ќе освоиме - за тоа одлучуваат граѓаните. Ние сме работеле, како прво, не сме дејствувале зад грб, не сме ги измамиле граѓаните - толку сме работеле. За тоа колку сме работеле се направени извештаи достапни за граѓаните - граѓаните се тие кои ќе одлучат, не сме ние кои одлучуваме. На 15-ти јуни судот им припаѓа на граѓаните.

Тогаш на што се должи падот на бројката на пратеници на ДУИ? На минатите избори освоивте 10 пратеници за разлика од 2014 кога имавте 19.

Албанците се поделени во шест политички партии, тоа се гледа и при средбите: одат шест албански претставници, двајца македонски - ова не е здраво и за државата. Јас знам дека се мотивираат, oхрабруваат од македонските партии, затоа што е во нивна полза ДУИ да биде послаба, тие ги знаат нашите капацитети - и СДСМ и ВМРО секако не сакаат ДУИ да биде силна, но јас сметам дека не е добро да се гледа само на партиските интереси, треба да се гледаат долгорочните интереси и визии на државата. Нема потреба за многу албански партии, како што нема потреба за многу партии и во македонскиот блок, затоа што со тоа ни се ризикува визијата за иднината за изградба на една добра организирана и етаблирана структура врз идејна основа.

Зошто на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ не им одговара силна ДУИ?

Секако дека ако ДУИ не беше јака, не би се реализирале многу работи во оваа земја.

Кога сме кај економската програма, министерот за економија е од вашите редови. Зошто досега не издејствувате да се направи автопат до границата со Косово, а се работи само за неколку километри?

Јас знам дека целата ситуација е добро подготвена. Постојат проблеми во однос на експропријацијата, т.е. проблемите настануваат од самите сопственици на земјиштата и оттука произлегуваат и проблемите, а целата ситуација е заокружена.

Албанската опозиција ве обвинува дека вие како ДУИ лошо се справувате со пандемијата на коронавирусот со оглед на засиленото ширење на болеста во општини каде локалната власт е во рацете на ДУИ. Дали потфрливте во менаџирањето на ширењето на заразата?

Состојбата со вирусот не претставува прашање кое се однесува само на ДУИ, туку ги опфаќа сите државни институции и ние со наjголемa коректност сме соработувале и сме го дале нашиот придонес до институциите за да можат да се справат со ситуацијата. Ова не претставува партиско прашање на ДУИ, на СДСМ или на ВМРО, туку е институционално прашање и менаџирањето на епидемијата се врши од страна на државните институции.

Дали ДУИ останува на ставот дека ќе колаицира со победникот на изборите без разлика дали тоа ќе биде СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ?

Јас не тргнувам со претпоставки. Ќе чекаме до 15-ти јули да видиме како ќе се одвиваат настаните.

Доколку на овие избори имате повторно пад на освоените пратенички места ќе поднесете одговорност?

Јас секогаш, при секој изборен циклус, сум спомнал дека одговорноста паѓа врз мене и јас умеам да дадам отчет и да го одржам дадениот збор.

Дали ќе поднесете оставка?

Мојата оставка е малo прашање доколку ДУИ би претрпела загуба.