Анкета на НДИ- коалицијата на СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ

Илустрација- дел партии во капмања за изборите кои ќе се одржат на 15 јули

Коалицијата на СДСМ и Беса „Можеме“ води пред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ според резултатите од анкетата на американскиот Национален демократски институт (НДИ) спроведена во јуни. 24,8 отсто од испитаниците на прашањето за кого ќе гласаат ако изборите се одржат денес, одговориле за коалицијата Можеме, а 21,2 отсто се изјасниле за колалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. За ДУИ се изјасниле 7,2 отсто, а за колаицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива 5,7 отсто.

„Гласачите во Северна Македонија точно ги знаат своите приоритети кои ќе ги одведат до гласачките кутии. При тесни избори, тие го проценуваат политичкото лидерство и партиските политики поврзани со владеењето на правото и економијата кои им се најважни“, истакна Роберт Бенџамин, директор на НДИ-Централна и Источна Европа.

Речиси седум од 10 испитаници велат дека веројатно ќе гласаат. Четириесет и еден процент од сите испитаници изразуваат загриженост во врска со демократските стандарди на изборите, а 46 проценти изразуваат загриженост во врска со здравствените мерки за заштита, но за голем дел нив оваа загриженост е намалена поради најавените протоколи на Министерството за здравство.

Од оние, пак, кои се изјасниле дека нема да гласаат на изборите 22 отсто рекле дека нема да гласаат поради страв од Ковид19, 15 отсто рекле дека поради бојкот на изборите, 12 отсто поради незадоволство и разочараност од сите партии.

НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12 до 21 јуни на национален репрезентативен примерок од 1.213 испитаници кои имаат над 18 години. Податоците од анкетата не го предвидуваат изборниот резултат, нагласуваат од инстиутот.

Инаку предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 15 јули. До нив пак, дојде откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија. Првично требаше да бидат одржани на 12 април, но беа одложени поради почетокот на пандемијата од Ковид – 19.