Европската комисија (ЕК) денеска ги предаде преговарачките рамки за Македонија и Албанија до Советот на ЕУ. Содржината на рамките нема да се објави додека Советот не ги усвои.
„Денес се одбележува уште еден важен чекор на патот на Албанија и Северна Македонија кон Европската унија“, стои во писмената изјава на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји.
Преговарачките рамки се позицијата на Европската унија во преговорите за членство. Европската Комисија поднесува нацрт рамки до земјите членки, кои треба да ги усвојат по евентуални модификации.
Рамките се поделени на три дела: водечките принципи на пристапните преговори, суштината на преговорите и преговарачката процедура, со цел да се обезбеди целосно спроведување на европското законодавство и неговите принципи во законските рамки на земјите кандидати.
„Со нетрпение ги очекувам дискусиите помеѓу земјите членки за да се одржат што е можно побргу првите меѓувладини конференции со двете земји. Нивната иднина јасно се наоѓа во Европската унија и уверен сум дека тие ќе продолжат да ги исполнуваат реформите на патот кон ЕУ, како што досега тоа го правеа“, изјави Вархеји.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров пак во видео изјава цели дека ова е важен исчекор што треба да го одбележиме.
„Од денес документот е во рацете на земјите членки. Да ни е со среќа“, вели Димитров во видео изјава.
Според дипломатите во Брисел не се очекува првата меѓувладина конференција пред крајот на оваа година, јавува МИА. Земјите членки би требало да разговараат за проширувањето од септември, со оглед на тоа дека летото ќе биде целосно посветено на обидот да се пронајде компромис за излез од економската криза на ЕУ и иднината на нејзиниот буџет.