Вселенскиот патријарх Вартоломеј денеска порача дека евентуалното претворање на Света Софија во Истанбул (Аја Софија) во џамија ќе насочи милиони христијани од целиот свет против исламот. Тој додаде дека „како музеј, Света Софија има можност да биде место и симбол на средби, дијалог и мирен соживот на народите и културите, на меѓусебно разбирање и солидарност на христијанството и исламот, што се особено неопходни и корисни за современиот свет“.
Во говорот по светата литургија за празникот на Светите Апостоли, Вселенскиот патријарх истакна дека храмот на Света Софија, несомнено е еден од најважните класични споменици во светската култура.
„Класично е она што секогаш ги надминува границите на народите и периодот во кое бил создаден и не припаѓа само на оној што го поседува, туку на целото човештво. Во оваа смисла, турскиот народ има големата одговорност да ја истакне универзалноста на овој прекрасен споменик“, рече Вселенскиот патријарх.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во мартовската предизборна кампања изјави дека постои можност поранешната црква „Света Софија“ („Аја Софија“) во Истанбул, која моментално е музеј, да ја преименува во џамија.