Македонските граѓани нема да можат да патуваат во ЕУ. Според одлуката на Советот на ЕУ за влез на граѓани од трети земји на територијата на Унијата која треба да стартува од утре Македонија не ги исполнува епидемиолошките критериуми. Земјите членки на Унијата се договорија да дозволат постепено укинување на рестриктивните мерки за патување само за Србија и Црна Гора, и покрај тоа што Европската комисија препорача да им се даде зелено светло на сите земји од Западниот Балкан за влез во ЕУ од 1 јули.
Списокот на земји ќе се ревидира секои две недели врз основа на епидемиолошката состојба во секоја од нив. Што се однесува до Кина, Европската Унија ќе прифати отворање на границите доколку дозволата биде взаемна.
За да добие право да патува во ЕУ, епидемиолошката состојба на една земја треба да исполнува три критериуми: бројот на нови случаи на Ковид-19 во последните 14 дена на 100 илјади граѓани да биде сличен или помал од ЕУ просекот; земјата да покажува намалување или стабилизација на кривата во последните 14 дена, и третиот услов е начинот на кој земјата се справува со Ковид-19 во смисла на достапните информации и нивната веродостојност, тестирањето, следењето на контактите, како и третманот.