Мицкоски за спотот со подгрбавени луѓе- јас ги разбирам СДСМ

Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за МИА, одговарајќи на новинарско прашање за реакциите за изборниот спот на неговата партија со подгрбавени луѓе, вели дека ги разбирал СДСМ оти тешко било да го гледаат тоа што го направиле во изминатите три години.

„Инаку, да јас ги разбирам и СДСМ и Зоран Заев, тешко е и мачно е да се гледа тоа што го направија изминативе три години, но затоа сме тука да понудиме практично алтернатива на кое што го стори СДСМ изминативе три години со сите оние понижувања, лаги, невистини, конструкции, криминал, корупции, Луи Витон ташни, трас, трас судски одлуки“, вели Мицкоски.

Дел од јавноста реагираше на спотот на опозициската партија со подгрбавени луѓе, нешто со што партијата алудира на изјавата на Заев пред 12 години. Тој во 2008 година, од позиција на потпретседател на СДСМ, рече дека не верува дека постои партија во државата што ќе има храброст да разговара за македонскиот идентитет, култура, јазик, но дека тоа на што може да се согласат е отстапница во делот на меѓународната употреба на името во сите меѓународни институции и „дека овде треба некојпат и да „свиткаме ‘рбет“, како што знаат старите да кажат“.

На сегашниот спот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, под слоганот „Исправи се Македонијо“, реагираа од здружението „Хендикеп плус” посочувајќи дека дел од интерпретациите на содржината на спотот оставаат можност лицата со попреченост да бидат прикажани во понижувачки контекст, во деградирачка и навредлива позиција наспроти сите другите.