Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање поврзано со аудио материјалите во кои соговорници го споменуваа неговото име рече дека „опозицијата се обидувала со разговори помеѓу трети лица да го инволивира“.
„Чуден е овој Мицкоски и неговите околу него. Знаете како, секаде тој се слуша во едни други бомби како тој договара, како прави криминал, како заштитува криминалци, како го осптруира носењето на Законот за јавно обвинителство, како редовно прима пари за финансирање на партија и на кампања и тоа го покажува грдото лице“, рече Заев.
Вчера на Јутјуб каналот „Раце лепливи“ објави аудио материјал во кој, како што пишуваше во транскриптот, наводно се слуша гласот на Зоран Милески, осуден во случајот „Рекет“ и Миодраг Давидовиќ Дака, контроверзен црногорски бизнисмен. Во аудио материјалот кој трае околу 12 минути двајцата, Дака и Милески ги споменуваат имињата на генералниот секретар на владата Драги Рашковски, а се слуша и името на поранешниот премиер, а актуелен претседател на СДСМ Зоран Заев. Во разговорот се споменуваат дадени пари на Милески, се споменува референдумот и неостварени ветувања за бизниси поврзани со хидроцентрали и ветерници во Тетово и Штип.
Како што се приближуваат парламентарните избори закажани за 15 јули, речиси и да нема ден на социјалните мрежи да не се објават аудио материјали од кои, како што се наведува, се открива криминалот или на власта или на опозицијата.
На друг Јутјуб канал „Рекет“ вчера се објавија аудио материјали во кој се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, осудениот во случајот „Рекет“ Зоран Милески и женски глас за кој дел медиуми јавија дека е на Слободанка Алексовска, државна функционерка во поранешното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и наводно вработена во „Систина“, болница во која дел од сопствеништвото е на Орце Камчев, главниот сведок во случајот „Рекет“.
Нова „бомба“ со гласовите на Мицкоски и Милески
Во тие снимки Мицкоски зборуваше за финансиската криза во партијата, дека некој му помогнал, а го спомена и Законот за јавно обвинителство во контекст на некој предмет кој нема да застарел со него. Подоцна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека разговорот е автентичен, но е монтиран за потребите на СДСМ.