Нова аудио снимка со Милески, се споменуваат луѓе од власта

Илустрација- логото на Јутјуб

На Јутјуб каналот „Раце лепливи“ попладнево се појави аудио материјал во кој повторно, како што се пишува, наводно се слуша гласот на Зоран Милески, осуден во случајот „Рекет“ и Миодраг Давидовиќ Дака, контроверзен црногорски бизнисмен. Во аудио материјалот кој трае околу 12 минути двајцата, Дака и Милески ги споменуваат имињата на генералниот секретар на владата Драги Рашковски, а се слуша и името на поранешниот премиер, а актуелен претседател на СДСМ Зоран Заев.

Во разговорот се споменуваат дадени пари на Милески, се споменува референдумот и неостварени ветувања за бизниси поврзани со хидроцентрали и ветерници во Тетово и Штип.

На истиот Јутјуб канал „Раце лепливи“ неделава беа објавени три аудио и една видео-снимка на која се слуша гласот на поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев, а на видео-снимка може да се забележи како тој зема пари и ги става во торба.

Тие „бомби“ наводно откривале релација меѓу поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев и приватна компанија, каде тој се обидел да одбрани одреден интерес со помош на институциите. Според содржината на разговорот, Дончев говори за сателитската компанија „Тотал ТВ“. Дончев го демантираше „контекстот на објавените аудио и видео снимки на Јутјуб“.

Инаку претпладнево, на друг Јутјуб канал, „Рекет“ се појави нов аудио материјал во кој се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, осудениот во случајот „Рекет“ Милески и женски глас за кој дел медиуми јавија дека е на Слободанка Алексовска, државна функционерка во поранешното владеење на ВМРО-ДПМНЕ и наводно вработена во „Систина“, болница во која дел од сопствеништвото е на Орце Камчев, главниот сведок во случајот „Рекет“.

Во тие снимки Мицкоски зборуваше за финансиската криза во партијата, дека некој му помогнал, а го спомена и Законот за јавно обвинителство во контекст на некој предмет кој нема да застарел со него. Подоцна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека разговорот е автентичен, но е монтиран за потребите на СДСМ.