Она што граѓаните најмногу ги засегаше, судејќи барем по реакциите низ социјалните мрежи и утринските ТВ програми со учество на гледачи – затворените граници - се отвораат. И тоа „Без задолжителни тестови или обврска за изолација“ – како што наслови електронското издание на Нова Македонија.
Освен оваа вест, Вечер објавува: „Стартуваат со работа и затворените делови на кафулињата и рестораните, и повторно можете да вежбате во теретана“.
Порталот Република, пак, со предвидување: „Се стравува дека ќе донесат голем број заболени: од денеска (петок) слободно може да се влезе во Македонија“.
Порталот СДК.МК, од свој извор во Комисијата за заразни болести дознава: „Комисијата воопшто не предложила датум за целосно отворање на границите, а за работата на трговските центри во недела и за внатрешноста на угостителските објекти воопшто не било дискутирано“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Нова Македонија објави: „СЗО: Македонија на листата на 11 земји во кои забрзано се шири корона вирусот“. Истиов весник информира и за прес конференцијата на Фабио Скано, советник на СЗО за Европа, кој беше во неколкудневна посета на земјава: „Состојбата во Македонија е загрижувачка, но може да се стави под контрола со масовно тестирање, идентификување на случаите, нивните контакти и нивно изолирање“.
Порталот Република во насловот додава: „СЗО со јасна порака до власта: Загрижувачка е состојбата со короната, не треба да ги олеснувате мерките“. „Поништени сите решенија за изолација и карантин издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за периодот од 13 до 25 јуни – донесе одлука Владата“.
Порталот Курир.мк информира дека „ЕУ ги отвора границите: Државјани на Мозамбик, Замбија и Бутан со дозволен влез, Македонија ја нема на листата“.
Видете и ова: СЗО: ризикот од повторен пик на коронавирусот во Европа e „реалност“
„Пазарот на труд погоден од корона кризата – Кризата ја врати просечната плата од пред шест месеци“, пишува Капитал.
Дека и во другите земји граѓаните не се дисциплинирани покажуваат вестите и фотографиите во порталот Република од плажите во Велика Британија. Поради високите температури од 33 степени над нулата „Не почитуваат дистанца, заборавија дека уште бројат жртви од Ковид-19 – Британците ги окупираа плажите“.
На насловната на Слободен печат со големи букви пишува: „Кампања – Партиите почнаа да ги вадат своите изборни адути: Заев со храбрите одлуки, Мицкоски со истите обвинувања“.
Курир. мк насловува: „Мафијата нервозна: Дончев фатен со мито, Боки 13 под закани за живот откако го спомна Заев“.
Гласајте за нас - не дај боже ако победи оној другиот
А неделникот Фокус во колумна пишува: „Политичките ʼлидериʻ Заев и Мицкоски како да паднале од вселената, па така, од ракав зборуваат за распространетоста на криминалот во државата! Чиниш некој друг однадвор, а не токму нивните партии, заедно со ДУИ, се главниот организатор и генератор на криминалот во државата“.
Медиумите ја објавија и веста дека „ДУИ го извлече Насер Зибери како адут за премиер Албанец против Заев и Мицкоски, како услов за сите евентуални коалицирања. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја отфрлија таквата опција уште веднаш кога лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ја кажа таа идеја“. Инаку Зибери е некогашен пратеник и министер од редовите на ПДП, сега работи како нотар и важи за натпартиска личност.