Тројцата кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски соопштија дека лага оти се повлекуваат од изборите за ректор. Тие порачуваат дека не се повлекуваат и не бојкотираат, туку своите кандидатури ги ставиле во мирување. Во допис до медиумите уште еднаш истакнуваат дека изборите за ректор се нелегални, недемократски и неакадемски и дека во моментот Универзитетската изборна комисија не работи во согласност со Законот за високо образование и Статутот на УКИМ.
„Нашите кандитатури ги ставивме во мирување, затоа што не сакаме да учествуваме на вакви избори и да и дадеме легитимност на целата оваа нелегална постапка. Ние остануваме на ставот дека денешното гласање е противзаконско. Ние се залагаме дека процедурата за избор на ректор треба да биде демократска, транспарентна и без прекршување на законот. Ние бараме фер услови, онака како што пропишува новиот Закон за високо образование. Денешниот ден е обид на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да се спроведат недемократски, нелегални и насилни избори од страна на ректорот Јанкуловски и на Универзитетската изборна комисија“, наведуваат Атанасов, Живковиќ и Димитриевски.
Според нив, изборите за ректор треба да се поништат и да се прогласат за ништовни, а новиот Сенат треба да избере нова комисија.