Зибери му одговори на Филипче: Имам право на политички ставови

Директорот на Центарот за јавно здравје Арбен Зибери преку социјалните медиуми му порача на министерот Венко Филипче кој најави негово разрешување, дека никогаш не ја злоупотребил институцијата со која менаџира. Зибери најавата за негово разрешување смета дека има изборна позадина.

„Министер Филипче, престанете да ја злоупотребувате говорницата на Владата за изборни цели. Јас сум кандидат за пратеник и имам право да имам политички ставови на мојот личен профил на фејсбук. Но и покрај ова, во ниту еден момент не ја злоупотребив институцијата со која раководам, нешто што за жал го прави министерот Филипче со овие изјави, кои имаат изборна позадина“, напиша Зибери на својот фејсбук профил.

Претходно, Зибери објави дека како член на Комисијата за заразни болести, дал придонес за отворање на границите, со цел наши државјани да дојдат и да гласаат за Албанец да биде избран за премиер. Филипче, повикот на Зибери го нарече евтина и лоша предизборна реторика и најави консултации со правници за негово разрешување од директорската позиција.