Сега не е време за олабавување на мерките и спуштање на гардот, напротив, треба да се прошири она што беше досега добро сработено, во делот на идентификување и изолирање на сомнителни случаи, нивно тестирање и изолирање на болните, неуморно трагање по контактите и нивно ставање во карантин. Сега е вистинско време за вклучување на целото општество во идентификување на случаите и на нивните контакти уште во рана фаза, ова е единствениот начин како во оваа трка да бидеме пред вирусот наместо да заостануваме зад него, ако тоа не го направиме резултатот може да биде една експлозивна ситуација која ќе бара воведување на драмтаични мерки која подраматично ќе и наштети на економијата. Ова е заклучокот што го соопшти денеска на прес конференција во Владата советник на регионалниот директор на СЗО Европа Фабио Скано по неговата четири дневна посета на Македонија.
„Она што го гледаме сега во Северна Македонија е загрижувачко. Поуката што треба да ја извлечеме е дека до ноаѓање на вакцина, не смееме да се опуштаме. Месеците кои следуваат ќе бидат значајни. Оваа моја посета е навреме. Она што гледаме низ светот укажува дека вирусот нема наскоро да си замине, напротив, тој брзо се шири и одзема животи и ние мора да бидеме пред него“, изјави Скано.
Тој во својот говор истакна дека одговорот на Владата во првите неколку месеци од пандемијата бил силен, агилен и навремен.
„Импресиониран сум од посветеноста на работниците во здравството и сите останати кои неуморно работат за заштита од Ковид-19 тука во Македонија. Почнуваме со силен капацитет на тестирање, агилното пренаменување на здравствените установи за Ковид-19, како и навремена реакција во старечките домови, што придонесе да се спречи ширењето на вирусот меѓу најранливите категории“ изјави Скано.
Тој посочи дека повторниот раст на бројот на новозаболени од ковид – 19 е нешто што може да се менаџира, но само доколку власта и граѓаните си помогнат меѓусебно.
„Северна Македонија до неодамна беше најдобар пример за справување со коронавирусот и повторно може да се вратат на таа позиција“, рече Скано.
СЗО препорачува да се вложат повеќе напори за да се прекине синџирот на пренесување, секој случај да биде згрижен и секој контакт да бидат во карантин. Според нив, тоа треба да се направи со целосна поддршка од локалните заедници.
Скано истакна дека е ова не е само задача од Владата, туку целото општество треба да помогне, затоа што само преку прекин на синџирот може да се сопре ширењето на вирусот.
СЗО има целосно разбирање за социоекономските последици кои создаваат загриженост, но како што вели Скано, здравствените и економските мерки не треба да бидат во судир.