Земјите членки на Европската унија треба до петок 26 јуни да донесат одлука дали ќе ги отворат своите граници за посетители од балканските земји поради растот на заболени од коронавирусот. Според прелиминарната листа на земјите за кои кои ќе биде дозволен влез на нивните граѓани во Унијата, во која има увид Радио Слободна Европа, а за која денеска разговарале амбасадорите на земјите членки на Унијата само Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина стојат добро, со тоа што БиХ е сè уште на работ, додека Северна Македонија, Албанија и Косово не се вклучени на листата поради влошување на состојбата со заразени од ковид-19.
Во насоките на Европската комисија за отворање на границите е наведено дека за таква одлука, епидемиолошката ситуација треба да биде споредлива или подобра од просекот на ЕУ. Според тоа, просекот би требало да биде максимални 16 нови случаи на заразени на 100 илјади жители во последните 14 дена, јавува дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел.
На состанокот биле побарани дополнителни информации од делегациите на ЕУ во земјите од регионот за состојбата во Западен Балкан со новозаболените, податоци за бројот на пациенти на интезивна нега, подготвеноста на земјите за справување со кризата во контекст на бројот на болници, со цел да се олесни процесот на одлучување.
Според прелиминарната листа најдобро стои Црна Гора, по што следува Србија иако се спомнува за раст на бројот на новозаразени, а БиХ е на граница поради статистиката, односно бележи раст од 14,8 новозаразени на 100 илјади жители.
Европската комисија на 11 јуни им препорача на земјите членки на Унијата даги укинат рестриктивните мерки за патување за земјите од Западен Балкан, бидејќи тогаш епидемиолошката состојба беше „ слична или подобра од просекот на ЕУ“
Рестриктивните мерки за патување беа воведени во март откако беше прогласена пандемија со ковид -19 на светско ниво. На 15 јуни годинава, овие мерки беа укинати за земјите од ЕУ и Шенген зоната. Но, оттогаш па навака во земјите од Западниот Балкан е забележан раст на новозаболени и починати од ковид-19.