Објавени нови „бомби“ за Ден Дончев

Екс Директорот на ФЗОМ Ден Дончев

Три нови аудио и уште една видео-снимка на која наводно се слуша гласот на поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев се објавени денеска на Јутјуб, на линк наречен „Лепливи раце “. На линкот има и видео-снимка од која може да се забележи како Дончев зема пари и ги става во торба.

Новите „бомби“ наводно откривале релација меѓу поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев и приватна компанија, каде тој се обидел да одбрани одреден интерес со помош на институциите. Според содржината на разговорот, Дончев говори за сателитската компанија „Тотал ТВ“.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа од лидерот на СДСМ Зоран Заев да и објасни на јавноста каква е неговата поврзаност со Дончев и снимките објавени на Јутјуб.

„Каква е поврзаноста на Заев со првата снимка на македонски политичар кој што зема пари пред камера. Дали со тоа што дозволи Дончев нечепнато да се повлече од позицијата практично овозможи амнестија на тој човек знаејќи што правел затоа што најверојатно тоа го правел во координација со Заев“?, праша Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев пак, кој Дончев го споменува во контекст дека се согласил полицијата да влезе во компанијата, денеска на прес-конференција потврди дека се работи за „Тотал ТВ“, а не за „Дијамед Македонија“. Притоа, Заев посочува дека зад објавувањето на снимките стои ВМРО-ДПМНЕ и тие, според него, се извадени од контекст.

„Едно што знам, секако ќе дадам одговор откога ќе разговарам и со Ден Дончев околу деталите. Вклученост на Медарски кој се спомнува внатре, кој е мој адвокат, многу често ангажиран и од СДСМ, имало во предмет со „Тотал ТВ“, каде меѓу себе сопственици воделе пријави до полиција и слично и полицијата постапувала со Тотал ТВ, но секако ќе си каже и Ден Дончев, не би навлегувал во вакви лажни, манипулациски пуштања на снимки“,изјави Заев.

Инаку, во мај Дончев си поднесе оставка од директорската функција поради како што беше соопштено „приватни семејни причини“.

Името на Дончев се спомнуваше во случајот „Рекет 2“ за фирмата Дијамед, која во 2013 година доби концесија за дијализа на бубрежно болни. Дончев, обвини дека фирмата незаконски го добила тендерот за дијализа и дека зад фирмата стојат поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот кум од првиот брак Ристо Новачевски.