Политиката да не се меша во здравствените одлуки

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Сите во здравството работат многу напорно, и сакаме само политиката да не се меша во одлуките, вели претставничката на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје Џихан Тавилах во интервју за Радио Слободна Европа. Таа апелира до сите, до политичарите, верските лидери, невладините организации, медиумите, да настапат со заеднички став и да не ги збунуваат луѓето во врска со коронавирусот.

Каква е вашата оценка за тоа како Македонија се справува со здравствената криза со ковид-19?

Јас ретко давам интервјуа во медиумите, но тоа го правам кога ситуацијата е многу сериозна, за жал. Македонија сега поминува низ многу голема криза од пандемијата со ковид-19. Ние сега го гледаме пикот на ширење на случаи, што не го видовме за првиот бран на епидемијата. Она што можам да го кажам за ситуацијата е дека е сериозна и дека сакам да апелирам сите да придонесат за намалување на ширењето на ковид-19 вирусот. Секако можам да кажам дека олеснувањето на рестрикциите, на јавните здравствени рестрикции кои неодамна беа олеснети, како и одредени настани и ситуации кои придонесоа за семејни собири и во групи, што е една од најопасните работи да се прават во време на епидемија од ковид-19. Јас исто така би кажала дека ситуацијата во која се наоѓаме е предизвикана и од многу лажни вести, за жал. Има медиуми кои се одговорни и ни пренесуваат што се случува навистина, но има многу на интернет и на социјалните медиуми кои се полни со погрешни вести кои погрешно ги наведуваат луѓето. Јас мислам дека луѓето погрешно ја интерпретираа ситуацијата во која владата сакаше да ги олесни рестрикциите со цел да ја подобри економската состојба, и луѓето си помислија дека тоа е добро, дека вирусот го нема, и со лажните вести состојбата ескалираше. Јас можам да кажам нема време за одмор, дека нема време да се заборави на овој вирус и мора да се вратиме на нормалното, но мора да се адаптираме на новото нормално. Многу е критично сега, кога мора да инсистираме на сите индивидуални мерки за заштита. Ако нема јавни рестрикции, мора да има стриктно придржување до мерките за индивидуална заштита, како што е дистанца и тоа физичка дистанца од најмалку еден до два метри е навистина важна мерка. Користење на маски кога сте во гужва или пак кога сте во такси или друг вид на превоз каде што не можете да бидете дистанцирани. Исто така и миење на раце и одржување на висока хигиена на рацете и кашлање во лакт. Ако сте болни, ако имате температура, ако кашлате, не излегувајте надвор од соба, не излегувајте од вашата куќа, и не се мешајте со други луѓе. Тоа се основите, овие основни правила ќе останат со нас извесно време. Луѓето мора да разберат дека ова е новото нормално и дека ова ќе продолжи да трае уште долго време. Подобро е сите да се навикнеме на тоа.

Во тој контекст, болничките капацитети се полни, медицинскиот персонал веќе исцрпен, а дел од нив и заболени. Каква е вашата оценка за тоа како македонските здравствени власти се справија со кризата предизвикана од корона вирусот?

Мојата проценка е дека македонските здравствени власти добро се справија со кризата, но она што ја направи разликата меѓу првиот и вториот бран е солидарноста на луѓето, и луѓето кои ги следеа инструкциите и веруваа во владините насоки. Она што јас го видов е прво дека владиниот одговор кој беше навистина добар, можеше да се види дека секторите работеа заедно за да го обезбедат она што е потребно за време на епидемијата. Второ е дека на дневна основа многу одговорната Комисија за заразни болести, Кризниот штаб за менаџирање на ситуацијата, беа вклучени сите нивоа на власти па високо сè до претседателот каде што видовме дека беа продолжувани вонредните состојби за да се заштитат граѓаните. Видовме дека бројот на кревети достапни за лечење на ковид-19 беше зголемен во Северна Македонија. Кога се појави првиот случај на заразен со ковид-19 во земјава на 26 февруари имаше само 4 подготвени болнички кревети на интензивна нега каде што можеше да се лечат заболени со коронавирусот. Сега бројот е многу поголем, четири или пет болници кои се грижат за ковид пациенти, лабораториите ги зголемија своите капацитети, од стотина тестови на ден сега прават и до 1300 тестови на ден. Нова опрема е донесена, здравствените работници се активирани и ротирани според ситуацијата. Верувам дека здравствените работници направија сè што можат најдобро за да го заштитат народот. Имаше и силна кампања за кризна комуникација која беше многу силна од самиот почеток, користејќи телевизии, мас-медиуми, социјални медиуми, интернет, Фејсбук, Твитер. Верувам и можам да потврдам дека во споредба со други земји, оваа земја имаше најголема транспарентност за информирање на граѓаните за тоа што се случуваше.

Видете и ова: Ситуацијата со коронавирусот во Македонија е критична

До почетокот на јуни бројките на заразени и починати не беа толку високи, но по укинување на полицискиот час, бројката почна да расте. Може ли со таканаречените меки мерки кои се на сила да се справуваме со вирусот или ни требаат построги?

Ситуацијата каква што е сега не е неповратна, и ние видовме дека драстична ситуација се случува и во други земји во Европа, да не спомнувам и во азиски и други земји. Но, го видовме и во Италија, и во Франција, и Шпанија, но и во многу други земји околу нас. Од она што го видовме можам да кажам дека ако луѓето соработуваат и ги преземаат мерките, тогаш меките мерки можат да функционираат. Јас сум уверена дека ситуацијата не е неповратна, и дека може да се поврати. Што значи да, јас можам да ви кажам да, можеме да ја повратиме ситуацијата и сè што ни треба е луѓето да разберат, но и од властите да ја модифицираат кризната комуникација за да испратат појасни пораки и можеби да ја симнат до локално ниво и да им објаснат на луѓето дека вирусот постои, дека тоа е опасен вирус, и дека луѓе умираат од тој вирус. Ни треба да разбереме дека е потребна подобра методологија како да се мобилизира населението и заедницата за да придонесува. Ние направивме истражување за да видиме како размислува населението во Северна Македонија, за да разбереме подобро како да се менаџира подобро ситуацијата. Но, може да замислите дека како секоја друга медитеранска земја или како и секоја друга балканска земја, јас доаѓам од Либан и ние имаме ист менталитет, а тоа е дека ние чувствуваме, народот чувствува дека тие знаат сè, дека знаат што треба да прават, мала е довербата во владините пораки за жал, и дека тие не сакаат да следат рестрикции, сакаат да се чувствуваат слободни, повеќе ќе го послушаат соседот или лажните вести отколку вистинските информации, и дека имаат повеќе доверба во семејството и она што ќе го кажат нивните пријатели. Но, она што е интересно што покажа студијата е дека имаат доверба во одредени професионални асоцијации, како што е Лекарската комора, му веруваат на својот работодавач во она што им кажува, не сакаат да го изгубат работното место, не сакаат да го изложат своето семејство на ризик. Ова се вредностите кои што треба да им ги кажеме на луѓето, дека ако навистина сакате да ја задржите својата работа или работното место, ако сакате да ја заштитите својата фамилија, своите деца, и своите родители, ве молам следете ги едноставните, но не и скапи работи со кои ќе може да се заштитите. Вие ги нарекувате меки мерки, но тие се навистина ефикасни.

Според здравствените власти и дел од експертите, еден од проблемот во земјава е што здравствените власти се недавањето на точни информации од заразени и одбивање на дел од луѓето да одат на лекар, како да го надминеме тоа?

Тоа е тешко прашање, и ова е ситуација која се менува. Ние видовме добар одговор во Македонија при првиот бран, дојдовме до речиси нула случаи дневно, но сега се справуваме и со 160 случаи дневно. Македонците сами успеаја ова може да се случи само ако сите солидарно го прават тоа што треба, и луѓето заедно навистина придонесат во тоа и тоа не чини ништо. Тоа не е ништо. Замислете да ја ставите маската еден час надвор додека можеби пазарувате или слично, тоа е ништо во споредба со кутрите здравствени работници (доктори и сестри) кои ја носат сета таа тешка заштитна опрема по цел ден додека се обидуваат да им помогнат на пациентите. Ние треба да мислиме на нив истото така . Колку многу доктори и сестри се инфицирани од вирусот? Тоа е затоа што бројот е огромен, здравствени работници кои се справуваат со тоа се ставени во опасност. Она што можам јас да им го кажам на луѓето - властите се многу транспарентни, можам да ги уверам во тоа. Бидејќи од таму каде што сум јас, од она што ние го гледаме ситуацијата е вознемирувачка. Што се однесува до информациите што ги добиваат на дневна основа и многу отворено, ваквиот тип на транспарентност е препорачлива од многу високо нивоа во СЗО. Можам да ги уверам сите дека инструкциите што ги добиваат од Владата се точни. Ние го гледаме проблемот и можам да кажам дека е многу вознемирувачки. Но станува збор за доверба. Јас верувам дека луѓето треба да знаат дека секој е подложен на вирусот, ние се уште немаме имунитет на вирусот. Ние се уште сме во портокалова или црвена зона, ние се уште сме во ризична зона. Луѓето може не знаат како да разликуваат вистинска од погрешна вест, како да ја разликуваа информацијата од изворот од кој доаѓа, и тие веруваат во гласините кои ги слушаат. Овој вид на дезинформации и негација на постењето на вирусот е најопасната работа, можеби веруваат има лек за него или дека е едноставна и лесна болест, но тоа не е вистина. Ова е многу опасна нова болест за која никој не знае точно.

Зголемената бројка на заразени во последните недели е резултат на поголеми семејни собири. Во меѓувреме земјата се подготвува и за избори, како да се избегнат масовни собири и да се спречи раст на бројката во кампањата?

Тешко е за мене да ги разберам деталите на кампањата и да зборувам за тој специфичен настан, но можам да ви кажам една работа дека масовни собири каде што луѓе се собираат не може да се одржи дистанца, секогаш има висок ризик од ширење на вирусот. Ние сме го виделе тоа, не мора да се демонстрира, го видовме во неодамнешната ситуација во земјава. Она што е важно сега е властите кои ги организираат изборите да се осигурат дека ги следат протоколите за масовни собири. СЗО има протокол кој е многу јасен и прецизен, треба да ја следат листата и да утврдат како да се организира секоја единица во изборите. Она што е важно за политичките митинзи, верувам дека не треба да има ситуација во која луѓето ќе се собираат без заштита. Драго ми е што во земјава не се дозволени масовни собири како спортски настани или други настани.

Рекордна смртност од Kовид-19, заразените доцна се носат на лекар

Изборите се закажани за 15 јули, дали со вас се советуваат македонските власти за здравствените протоколи и што би препорачале вие како мерки за максимална заштита на гласачите?

Мислам дека мерките треба да бидат практикувани секој ден, нема ништо специфично на денот на изборите, станува збор за истите мерки. Но, институциите треба да бидат подобро подготвени за организирање на луѓето да не се мешаат, да не се прават гужви, и да ги имаат сите потребни нешта за дезинфекција, маски и др. Препораките се едноставни, тие се исти веќе 6 месеци од почетокот на епидемијата. Ние им кажуваме на луѓето да држат дистанца, да се одржи физичка дистанца од 2 метри од другите кои не се дел од вашата фамилија, или најмалку еден метар кога тоа не е можно. Основните мерки за индивидуите се исти , нема ништо различно.

Дали македонските власти се консултираа со вас за здравствените протоколи околу денот на изборите?

Ние работиме секој ден на сите протоколи со владата, со Министерството за здравство. СЗО е дел од Комисијата за заразни болести, ние по цел ден секој ден од почетокот на епидемијата сме во контакт со здравствените власти, понекогаш за примарното здравство, понекогаш за болниците. Направивме неколку тренинзи на здравствените работници за како да се заштитат себе си, ние работевме многу на подобрување на состојбата, со набавки, дониравме тестови во лабораторијата за да може да продолжат со работа. Ние сме дел од техничката група која го набљудува проблемот, но ние не сме политичари. Не носиме одлуки. Техничката група можам да кажам дека добро си ја врши работа, и сакам да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам ним и на шефот на Комисијата за заразни болести која неуморно работи, на инфективните болници. Сите во оваа професија работат многу напорно, и сакаме само политиката да не се меша во одлуките, лажните вести да не се шират посилно од самата епидемија и секој од нас во оваа земја да ја разбере одговорноста и да разберат дека ја имаат моќта да направат разлика.

Спомнавте дека Комисијата за заразни болести и од професионалците си ја вршат добро нивната работа, но што е со политичарите и нивните одлуки, кога во одредени ситуации не ги послушаа препораките на професионалците?

Да бидам искрена, можам да кажам дека гласовите кои малку не се во хармонија со она што треба да се направи се мали гласови, но се многу гласни. Мислам дека луѓето не треба да дозволат необичните лажни вести да им го привлечат вниманието, без разлика кој е изворот, дали е тоа соседот или лидер на партија. Мислам дека не е време сега да деградира добрата работа што Македонија ја направи досега. И ние видовме како брзо може да се шири вирусот, мора да бидеме внимателни. Јас апелирам на солидарност на сите нивоа, не само од политичарите, туку и од верските лидери, лидерите во заедниците, невладините организации, медиумите, партнерите, ОН партнерите, сите да дојдете со еден глас, не ги збунувајте луѓето. Лажните вести ги збунуваат луѓето.

Хибридна кампања со акцент на социјалните медиуми

СЗО во светот, па и во земјава е на удар за тоа како организацијата се справува со вирусот, па кружат и завери и дезинформации дека не постои или дека е измислен во некоја лабораторија како дел од пресметка меѓу големите светски сили. Како да им се застане на патот на ваквите дезинформации?

Мислам дека треба да продолжиме да ги ставаме доказите пред луѓето, тоа не треба да запре, мислам дека сите ние имаме одговорност да им кажеме на луѓето што се случува, дека вирусот дојде од животно, дека не е создаден од некој луд научник, дека вирусот од лилјак е пренесен на човек и дека се пренесува од еден на друг човек. Ако го знаеме ова и станува многу логично за да ја прекинеме трансмисијата на вирусот а за тоа мора да ги користиме основните мерки, дистанца, маски и хигиена. Знам дека во мноштвото од дезинформациите се создава голема штета и ги збунува луѓето, но мора да продолжиме да ја правиме вистинската работа, а тоа е инсистирање на вистинската информација од самиот извор, и сакам да ги видам властите како повеќе допираат до заедниците не само преку мас медиумите, со повеќе посети и дискусии и знам дека е многу тешко да се направи ова во период кога им велиме на граѓаните да се дистанцираат повеќе, да не се собираат, но треба да се иницираат дискусии со локални лидери кои можат да допрат до луѓето. Може да се објават сведочења на луѓето кои го преживеале ова. Тие се кредибилни, зборуваат од искуство , треба да ги слушаме нивните искуства повеќе во медиумите.