Mинистерствата и општините најмалку транспарентни за финансиите

Минимално подобрување на активната транспарентност на институциите во земјава, бележи Центарот за граѓански комуникации. Центарот денеска го објави рангирањето на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер. Во извештајот се опфатени сите министерства, Владата и општините.

Кај министерствата се забележува стагнација, па дури и мало намалување на транспарентноста по тригодишниот континуиран пораст. Таа годинава изнесува 77,1 проценти, за разлика од ланските 77,6 отсто.

За првпат во последните пет години откако се изработувал овој Индекс, едно министерство се наоѓа на врвот на табелата. Годинава на прво место со најголема активна транспарентност е Министерството за одбрана (97,9 отсто), потоа следуваат осум општини, меѓу кои прва е Велес (94,4 проценти).

Индиции за корупција за време на пандемијата

Општините се понетранспарентни во однос на министерствата. Кај нив транспарентноста изнесува 54,5 проценти и по неколкугодишното намалување бележи пораст втора година по ред, се вели во соопштението.

Според Индексот, активната транспарентност на сите 98 вклучени институции (министерствата, Владата и општините) за 2020 година изнесува 58,2 проценти (од максимално можни 100 отсто) и според градацијата на нивоата, спаѓа во „просечна“ активна транспарентност. Активната транспарентност во 2020 година е подобрена само за минимални 2,2 процентни поени во однос на лани, кога изнесувала 56 проценти.

И натаму најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите, и тоа министерствата 42, а општините само 36 отсто од информациите што треба да ги објавуваат.

На барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со исто прашање, општините одговорија во просек за 24 дена (лани за 21 ден), а министерствата за 26 дена (лани за 34 дена), иако максималниот законски рок е 20 дена. Во овој рок одговорија само 40 проценти од институциите, додека останатите 60 отсто го прекршија законот, се наведува во соопштението.