Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во наредниот период се очекува бројот на пациенти заразени од корона вирусот уште повеќе да расте и дека токму затоа се прави и реорганизација на капацитетите во болниците. На денешната прес конференција Филипче рече дека здравствените власти заедно со директорите на болниците веќе имаат разработен план за распределба на пациентите.
„Се очекува дека бројот на испишани на пациенти ќе биде помал од бројот на примени пациенти. Овој наплив во болниците треба да се издржи, за што имаме план кој веќе се спроведува. После овој период се очекува намалување на бројот на хоспитализирани пациенти. Вториот бран дојде порано од тоа што го очекувавме“, рече Филипче.
Во моментов, во болниците се сместени 330 пациенти заболени од Ковид-19. Најголеми жаришта на корона вирусот во моментот се Скопје и Тетово.
Иако не ја исклучи можноста, Филипче рече дека засега не се планира воведување на рестриктивни мерки, туку активностите се насочени кон реорганизација на болниците и лоцирање на контактите со цел да се има комплетен увид во кластерите.