Џафери: Не нудиме премиер од ДУИ, туку премиер-Албанец

Талат Џафери

Талат Џафери, носител на листата на ДУИ во Изборната единица 5 денеска на прес-конференција ги повика албанските гласачи да ја поддржат нивната идеја за премиер Албанец.

„Да прецизирам, ние нудиме премиер – Албанец, а не по секоја цена премиер од ДУИ! – и ова претставува силно подадена рака пред сè до партиите на Албанците, заеднички да застанеме зад оваа идеја. Еве денес испраќаме јавна понуда со која се откажуваме од ексклузивитетот на оваа идеја“, рече Џафери.

Побара партиите да оформат заедничка платформа, заедничка декларација, да дадат, како што кажа, завет, „беса пред граѓаните“ дека избраните пратеници во следното Собрание, ќе се обврзат да ја дадат политичката доверба на она мнозинство во Собранието кое ќе ја прифати и ќе ја реализира оваа идеја.

Тој лично, како што кажа, ја имал таа привилегија да покаже дека се работи за наметнат стереотип Албанец да биде на чело на некоја институција, за вградена нетрпеливост и недоверба при неговото назначување за претседател на Собранието.