Нивото на девизните резерви се одржува во сигурната зона, а остварувањата во текот на второто тримесечје, главно се во согласност со очекувањата. Во текот на овој месец, девизните резерви забележаа значаен раст од околу 600 милиони евра, сооопшти Народната банка по редовната седница на Комитетот за оперативна политика.
Централната банка посочува дека од расположливите податоци се согледува поизразено негативно влијание врз домашната економија од ширењето на коронавирусот, во согласност со очекувањата дека негативните ефекти ќе бидат најсилни во април, со постепено закрепнување во преостанатиот дел од вториот квартал.
Од НБРМ информираат дека во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за мај покажуваат нивен годишен раст, во согласност со проекцијата за вториот квартал од годината. Во изминатиот период, ликвидносната состојба на банкарскиот систем се задржа на релативно солидно ниво, а показателите за домашните финансиски пазари за мај упатуваат на умерено подобрени трендови на девизниот пазар.
На седницата на Комитетот е заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена на Народната банка.