Тачи: Косово и Србија на 27 јуни во Вашингтон нема да разговараат за територии и граници

Косовскиот претседател Хашим Тачи

Косовскиот претседател Хашим Тачи ја прифати поканата од специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за преговорите меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел, за средба во Вашингтон, заедно со премиерот Авдулах Хоти, со претставници на Белград, со што би се продолжил дијалогот за изнаоѓање решение за споровите меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференција по добивањето на поканата од Гренел, Тачи рече дека средбата во Белата куќа, која е закажана за 27 јуни и за која веќе го потврди учеството и српската страна, претставува „значаен чекор напред за Косово“.

Тој изрази уверување дека вашингтонската средба ќе претставува чекор напред кон постигнување конечен договор за споровите со Србија. Тој договор, според косовскиот претседател, ќе подразбира меѓусебно признавање на двете држави и нема да содржи никаква размена на територии или промена на границите.

Косово, рече Тачи, секогаш им верувало на Соединетите Американски Држави и секогаш излегувало како победник.

„Обединети и во партнерство со САД ќе успееме. Така беше во Рамбује, во Виена и така ќе биде во Вашингтон“, порача Тачи.

Дијалогот меѓу Косово и Србија беше прекинат во ноември 2018 година, кога косовската Влада, предводена од тогашниот премиер Рамуш Харадинај, воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, поради кампањата на Белград за повлекување на признавањата на независноста на Косово и спречување на неговото зачленување во Интерпол, УНЕСКО и други меѓународни организации.

Со цел продолжување на дијалогот, денеска во Приштина се очекува да допатува посредникот на ЕУ во процесот, словачкиот дипломат Мирослав Лајчак, но сè уште не се знае дали Тачи ќе се сретне со него.

„Тој треба да го каже ставот за визната либерализација за косовските граѓани и да разјасни како ќе го третира Косово. Доколку го третира како независна држава, процесот ќе биде полесен“, изјави Тачи, кој порано порача дека не верува во неутралноста на Лајчак, затоа што во времето кога беше шеф на словачката дипломатија, неговата земја не ја призна независноста на Косово.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, денеска демантира дека исходот е разговорите во Вашингтон ќе биде признавање на независноста на Косово и додаде дека тоа не е тема, ниту Србија ќе дозволи да биде тема.