Северна Кореја денеска ја дигна во воздух канцеларијата за врски со Југот во пограничниот град Каесонг, соопшти Министерството за обединување на Јужна Кореја, по неколкуте денови остра реторика од Пјонгјанг.
Севернокорејската државна новинска агенција го потврди уништувањето на канцеларијата зашто „човечките ѓубриња и оние кои им даваат прибежиште на ѓубрињата треба скапо да платат за своите злосторства“, очигледно алудирајќи на севернокорејските дезертери кои избегале на Југ и спроведуваат анти-Пјонгјанг кампања.
Претходно, портпаролот на јужнокорејското министерство, кои се занимава со односите меѓу двете Кореи, им ја испратил на новинарите следнава порака:
„Северна Кореја ја разнесе Канцеларијата за врски во Каесонг во 14:49“.
Неколку минути претходно се слушнала експлозија и бил забележан чад над напуштената заедничка индустриска зона во Каесонг, каде што беше сместена Канцеларијата, објави новинската агенција Јонхап, повикувајќи се на неименувани извори.
Претходно денеска, Севернокорејската армија соопшти дека е „целосно подготвена“ да преземе акција против Југот, вклучително и повторно влегување во областите кои се демилитаризирани според договорот меѓу двете земји.
Ким Јо Џонг, моќната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, викендов изјави дека ќе се види тотален колапс на „бескорисната“ канцеларија за врски, која беше отворена во 2018 година, како начин за комуникација меѓу двете Кореи.
Тензиите меѓу двете земји се засилуваат со недели, поттикнати од севернокорејските бегалци на Југ, кои испраќаат летоци со антивладина содржина преку границата.
Летоците, обично закачени на балони со топол воздух, го обвинуваат Ким Џонг Ун за кршење на човековите права и за неговите нуклеарни амбиции.