Пендаровски прогласи вонредна состојба од осум дена

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски вечерва прогласи вонредна состојба која ќе трае осум дена на територијата на цела држава, откако политичките партии постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули оваа година, соопшти Кабинетот на македонскиот Претседател.

„Одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија, по поднесениот предлог од страна на Владата, а е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година“, се вели во соопштението.

Во него се наведува дека одлуката за прогласување на вонредна состојба е донесена за да се овозможи непречена подготовка на изборите, особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на коронавирус.

„Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули.“, се вели во соопштението.

Исто така е наведено дека Претседателот очекува институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност за квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес и во таа насока деновите од вонредната состојба да бидат искористени „единствено за да се донесат неопходните одлуки“ за спроведување на изборите.

Денеска лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули, по месеци неизвесност и преговори.

Изборите првично беа закажани за 12 април, откако Собранието беше распуштено во февруари, но тие беа одложени поради избувнувањето на епидемијата на новиот коронавирус.

Пендаровски во обраќање во јавноста минатиот петок на 12 јуни, изјави дека ќе ја продолжи вонредната состојба на барање на владата, доколу лидерите на партиите се договорат за датум за одржување на изборите, за да се избегне подлабока политичка криза која може да прерасне во безбедносна.