Владата со предлог до Пендаровски за продолжување на вонредната состојба

Архива - Седница на Владата на Република Северна Македонија.

Владата вечерва ја одржи 67-ма седница, на која донесе заклучок да поднесе предлог до претседателот на државата Стево Пендаровски да прогласи вонредна состојба од 8 дена, соопшти владината прес-служба.

Во соопштението се вели дека врз основа на членот 125 од Уставот Владата поднесува предлог до Претседателот да утврди постоење на вонредна состојба за период од 8 дена, почнувајќи од денеска, 15 јуни, до 22 јуни.

„Предлогот се поднесува заради спроведување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, со мерки за заштита на јавното здравје во услови на пандемија прогласена од Светската здравствена организација што ја зафати и нашата држава“, се вели во владиното соопштение.

Денеска лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули, по месеци неизвесност и преговори.

Изборите првично беа закажани за 12 април, откако Собранието беше распуштено во февруари, но тие беа одложени поради избувнувањето на епидемијата на новиот коронавирус.

Претседателот СтевоПендаровски во обраќање во јавноста минатиот петок на 12 јуни, изјави дека ќе ја продолжи вонредната состојба на барање на владата, доколу лидерите на партиите се договорат за датум за одржување на изборите, за да се избегне подлабока политичка криза која може да прерасне во безбедносна.