Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука партијата да учествува на изборите на 15 јули, изјави вечерва на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој рече дека ваквата одлука воопшто не била лесна, бидејќи како што рече, имале две опции: редовни избори кога државата би продолжила да тоне и момент на одлука да го поразат раководството на лидерот на СДСМ Зоран Заев со двоцифрена разлика во пратеници.
„Време е за промени и имаме обврска да го поразиме раководството на Зоран Заев и ова е тој момент на одллука“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека очекува кампања во која сите партии ќе можат да ги покажат разликите, во кој ќе се види кој нуди стратегија за државата.
Денеска лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, се договорија предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули, по месеци неизвесност и преговори.
Изборите првично беа закажани за 12 април, откако Собранието беше распуштено во февруари, но тие беа одложени поради избувнувањето на епидемијата на новиот коронавирус.