Деркоски не свикува седница на ДИК без решение за нов датум за избори

Државна изборна комисија ДИК, Оливер Деркоски

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски смета дека нема причина за закажување на седница на ДИК заради фактот, што според него, за да продолжи целиот изборен процес треба прво претседателот на Собранието Талат Џафери да донесе решение со нов датум за избори.

За МИА вели дека ниту кажал дека денеска ќе свика седница, ниту, пак, планира да го направи тоа додека не добие решение од претседателот на Собранието.

„Од денеска сме во редовна состојба во државата и важи Изборниот законик, а не некои уредби што ги донесе Владата за време на вонредната состојба. Четворицата членови на ДИК од СДСМ и БЕСА ми пуштија пред два часа барање за свикување на седница. Согласно деловникот имаат право да побараат, меѓутоа во барањето се повикуваат на уредбите, а според мене и според многумина во државата и експертска и друга јавност и Уставниот суд уредбите важат само додека трае вонредната состојба. Немам рок за одговор, но ќе им одговорам дали ќе закажам или не седница. Им оставам сами да одлучат како ќе постапуваат, а јас нема да учествувам во незаконити дејствија“, изјави Деркоски.

Пендаровски - Вонредна состојба ако партиите се договорат за изборите

За да ДИК работи легитимно и легално, нагласи, и треба решение од претседателот на Собрание кое е првиот основен столб во Изборниот законик како се организираат избори.

„Претседателот на Собрението со решение го закажува датумот кога и да е, тоа мене не ме интересира кога ќе биде, битно е да има решение врз основа на кое ние после тоа планираме рокови и го носиме роковникот за избори. Без тој прв чекор не може да се организираат избори. Вториот основен чекор во Изборниот законик е избирачкиот список без кој, исто така, ако не е заклучен, потврден, прочистен комплетно согласно Методологијата за избирачки список донесена во февруари 2016 година од претходната ДИК не може да се зборува дека одите на легитимни избори, потенцира Дерковски.

Членот на ДИК Борис Кондарко за МИА потврди дека доставиле барање за одржување седница на ДИК и посочи дека ставот на претседателот на ДИК Деркоски е негово лично толкување на законот.

Засега нема одговор од претседателот на Собранието Џафери дали ќе потпише ново решени за избори. Тој се уште не се изјаснува. Синоќа на полноќ истече вонредната состојба во државата прогласена за справување со последиците од коронавирусот, а партиите се уште се со различни ставови за датумот за избори. СДСМ смета дека според законот и Уставото избори треба да се одржат на 5 јули, а за ВМРО-ДПМНЕ, прв можен датум за избори е околу средината на јули.