Датумот за изборите не е и не може да биде ниту партиска ниту лична желба, тој е одреден од уставот и законите, напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев на официјалниот Фејсбук профил. Тој пишува дека итно одржување на изборите е неопходно и екстремно важно за да се вратат институциите кои мора да им служат на граѓаните со полн капацитет и легитимитет.
Заев се огласи по прес-конференцијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој рече дека 5 и 8 јули не се во опција за одржување на избори, според него возможен датум за избори е кон средината на јули.
Заев пишува дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го користат здравјето на граѓаните како изговор за да нема избори.
„На средбата кај Пендаровски, Христијан Мицкоски не спомена ниту З од здравје на граѓаните, ниту З од здравство или здравствена криза“, пишува Заев.
Тој пишува дека сите законски и уставни услови за одржување на изборите се исполнети. ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност, пишува лидерот на СДСМ.
По завршувањето на вонредната состојба, изборите треба да се одржат на 5 јули.