Претседателот на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ, и српски министер за надворешни работи, во екот на предизборните дебати, остро го нападна шефот на државата и лидер на Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА.
Дачиќ гостувајќи на ТВ Прва ја обвини новинарката Марија Савиќ Стамениќ, позната по нејзината блискост со Вучиќ, дека некој друг ѝ ги составувал прашањата, како и дека за темите што ги поставува е заинтересиран само Александар Вучиќ. Покрај тоа, тој јавно го прозва претседателот на Србија дека ги оддалечува СПС од владејачката коалиција, наведувајќи дека неговата партија не мора да биде на власт. Тој дури се закани дека ќе каже што сè му ветил Вучиќ, што никогаш не било исполнето. Тој порача дека ќе поднесе оставка како претседател на партијата ако има мал број гласови на изборите.
Коментирајќи ја изјавата на Дачиќ, шефот на државата и лидер на СНС, Александар Вучиќ нагласи дека нема да ги коментира политичките противници за време на кампањата, па затоа нема да го коментира ниту Дачиќ, со кого веќе подолго време соработувал.
На прашањето дали е време Србија да добие еднопартиска влада, Вучиќ додаде дека би сакал во општеството да постои колку е можно поширок консензус и дека СНС би сакала да има коалициски партнери. Тој оцени дека во Парламентот ќе има повеќе партии, но со помал број пратеници отколку што се чинело пред еден месец, затоа што на некои партии им опаѓа рејтингот, „затоа што сега луѓето во кампањата ги слушаат и ги гледаат, а кога ќе ги слушаат 15 минути сфаќаат дека немаат никаква политика“.