Од денеска граѓаните добиваат ваучери за туризам, кои ќе може да ги искористат до 15 декември. Вакви картички треба да добијат 117.000 граѓани. Доделувањето на платежните картички, пак, кои ќе ги добијат околу 324.500 граѓани, започна во текот на вчерашниот ден преку банките. Изработени се околу 50.000 картички досега од страна на банките, а до 18 јули ќе се доделат сите картички кои ќе можат да се користат до 15 август. Секој вложен денар во домашните производи, во услужниот сектор – е вложен денар во зачувувањето на овие компании, а со тоа и на бројни работни места кои тие ги креираат, посочи денеска министерката за финансии Нина Ангеловска на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши.
Ваучерите се во вредност над 10 милиони евра, додека домашните платежни картички во вредност од 28 милиони евра.
Преку платежните картички и ваучерите граѓаните и вработените со ниски приходи ќе добијат по 9.000 денари по лице, односно граѓаните со ниски приходи ќе добијат 9.000 денари преку домашните платежни картички, а вработените со низок доход ќе добијат 3.000 денари преку домашната платежна картичка и 6.000 денари преку ваучерите за туризам, посочи Ангеловска.