Насмевки под маски, поздравување со допирање на лактовите или пак само отпоздравување од далечина, чекање во ред и на дистанца да платите сметка, да купите нешто во продавница, учење онлајн, за патување надвор од границите ќе почекаме. Ова се само мал дел од работите кои се променија поради пандемијата на ковид-19. Местата не се променија, луѓето се исти, но се променија навиките.
Промени има и во животот на пензионерката Борка Кузмановска.
„Јас од дома не излегувам без маска и ракавици, држам растојание од луѓето, многу ретко се возам во автобус, само кога имам некоја итна работа и гледам да нема гужва. Внуците ми плаќаат сметки оналјан зошто јас не можам да одам во банка или пошта“, вели таа.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Македонија е меѓу многуте земји во светот кои почнаа да ги ублажуваат рестриктивните мерки, но на сила остануваат таканаречените благи мерки. Светото тројство(маски, дистанца и дезинфекција) како што го нарече министерот за здравство Венко Филипчe, ќе биде наше секојдневие уште долго време, додека не се пронајде вакцина и таа не биде достапна за сите.
По пауза од два ипол месеци се отворија терасите на кафулињата и рестораните, но за да се напиете кафе важат посебни протоколи. Отворени се и затворените трговски центри, може да се оди и на фризер, но секаде мора да се почитуваат мерките.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Кога повторно ќе може да се гледа претстава, филм или да се слуша музика на концерт се уште не се знае. Балерината Стефанија Гаштарска,првата македонска балерина во руски театар „Бољшој“, додека чека повторно да застане на сцена вежба дома и се надева дека ќе се отворат границите.
„Најважно за мене во овој период е што сум со моето семејство, тоа не се случува многу често, исто така мислам дека почнав повеќе да работам на себе во овој период, но тоа што ми недостасува се секојдневните проби и секако условите за работа, тука ги немам“, вели Гаштарска.
Учениците и студентите следат онлајн настава. Матурантите не полагаа матура, но немаа ни традиционална матурска прослава.
„Јас немам една работа што ми недостига највеќе, туку целото искуство воедно. Како доаѓање во школо секој ден, имање на некаква рутина, одење на кафе со другарките за одмори и меѓу часови“, вели матурантката Мила Здравковска.
Коронвирусот ја смени и природата. Намалениот сообраќај, затворените фабрики, школи и јавните места поради паднемијата на новиот коронавирус го намалија загадувањето. Во деновите кога имаше рестрикции на движењето имаше помалку бучава, а значително повеќе се слушаа звуците на птиците. Планетата здивнуваше од намалените човекови активности.
Ќе останат ли новостекнатите навики?
За тоа колку се промени живот и дали некои од новостекнатите навики ќе останат и понатаму разговараме со професор Агрон Рустеми од Штуловиот универзитет. Тој вели дека се зависи колку ќе трае пандемијата, ако трае кратко брзо ќе се вратиме на стариот начин на живот, а за тоа доказ може да бидат фотографиите и снимките од кафеаните и кафулињата во кои луѓето се однесуваат како ништо да не било.
„За жал уште луѓето мислам дека вирусот не постои, дека не е толку ризичен и дека ова е дел на некакви си конспирација. Мислам дека државните органи и различните актери во државата од почетокот на пандемијата не успеаја да ја дигнат свеста на граѓаните во делот на соодветно информирање за ризикот од вирусот“, вели професор Рустеми.
Тој вели дека ако оваа ситуација потрае неминовна ќе биде и промена на општествениот живот во делот на комуникацијата меѓу луѓето, реализацијата на работните обврски, потрошувачките навики.
Се смени и начинот на поздравување, нема гушкање, бакнување по трипати во образ, забранети се веселбите во ресторани, погребите се според посебни мерки.
„Ние сме топол народ, сакаме гушкање, поздравување, физички контакти. Ако трае кратко оваа пандемија нема да има некоја промена, но ако трае неколку години или подолг период, тогаш да ќе имаме такви промени, зошто луѓето по природа се битија коишто се прилагодуваат, но треба малку време да помине“, вели професор Рустеми.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На пензионерката Кузмановска, најмногу и недостасува дружењето со најблиските.
„Не можев да ги посетувам често, како што ги посетував досега, ниту пак тие мене. Имавме роденден на внуката, не можевме да го прославиме и го честитавме по телефон. Сега се наближува и мојот роденден и нема да ги соберам најблиските да прославиме“, вели таа.
МЦМС - Ковид -19 го променил животот на 83 отсто од граѓаните
Анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за влијанието на ковид -19, покажува дека вирусо тцелосно или до некаде го променил животот и секојдневието на 83 отсто од граѓаните. Повеќе од половината (59 проценти) со 4 или 5 го оцениле степенот на изолација за време на кризата. Очекувано, степенот на изолација повисоко е оценет од повозрасните граѓани. Пандемијата ги променила и навиките за купување на граѓаните, па сега пазари само еден член на семејството (29 отсто) или поретко купуваат во продавници (27 проценти).
Анкетата на МЦМС покажува дека над 70 отсто од анкетираните се многу загрижени од состојба предизвикана од Ковид-19. Истражувањето покажува дека жените се позагрижени од мажите, а Македонците од Албанците. Грижата од Ковид-19 расте со степенот на образование на испитаниците.
Гледано низ призмата на етничка припадност, Македонците се по склони да веруваат дека вирусот е направен во лабораторија, а Албанците дека тој не постои.
Вирусот ги наруши традициите
Поздравување меѓу пријатели и познаници со бакнување, гушкање и тресење раце се смета за дел од суштината на луѓето во Јужна Европа. Но, пандемијата на коронавирус нагло ги смени ваквите ритуали без никакви знаци за тоа кога ќе биде безбедно да се продолжи со нив.
Гоце Атанасов
Стравот од ширење на вирусот ги наруши традициите, бидејќи блискиот физички контакт одеднаш стана опасен по живот.
Рибарот Даниел Реџио кој продава морска риба во историското Старо пристаниште во францускиот град Марсеј порано ги поздравуваше пријателите и колегите со традиционалното допирање на образи. По ширењето на ковид-19 и тој прибегна на поздравување со допирање на лактовите.
„Не можеме да кажеме дека не ни недостига, но и без тоа нема да ни заврши пријателството или другарството.“
Пензионерот Ивон Тапиас кој организира пешачки тури во Марсеј сега ги поздравува луѓето со „Вухан шејк“, одосно поздрав со нога, кој е наречен така според кинескиот град кадешто за прв пат се појави новиот коронавирус.
„Ние се допираме едни со други со стапалата. На луѓето од југ им треба контакт“, вели тој.
На исто мислење е и Ели Комаити, жителка на Атина која вели:
„Ни недостасуваат прегратки, бакнежи. Особено со нашите најблиски, нашите внуци и нашите деца. Но, здравјето е во прв план“.
Во Тунис, актерот Мохамед Вербени пак, вели дека физичките поздрави се дел од регионалните традиции и затоа тешко се одвикнува од нив.
„Ова е Медитеран. Ние сакаме да се бакнуваме еден со друг два, три, четири пати, во зависност од регионот. Многу е чудно да се каже здраво вака сега.“
Многумина веќе почнаа да користат и други поздрави за да ја искажат нивната љубов и почитување. Некои велат дека добро би било да се користи познатиот индиски поздрав „намастe“, некои пак велат дека е доволно да се стави раката на срце.
Францускиот антрополог Женевиев Зоја, смета дека „медитеранскиот, јужњачки идентитет се заснова врз физичката блискост“ и оти со укинување на мерките луѓето почнале повторно да се социјализираат.
„Вечераме заедно, но можеби на крајот од оброкот, малку забораваме на забранетите гестови, се доближуваме. Можете да видите дека сето ова може да оди многу брзо. Дури и ако малите рефлекси што успеавме да ги развиеме за два месеца, како што е да не се бакнуваме меѓусебно, можат да траат малку подолго, но не мислам дека тоа е постојан дел од нашите општествени односи.“
Тиманфаја Хернандез, психолог во Мадрид вели дека уште од мали деца Шпнаците се учени да ги бакнуваат своите најблиски:
„Некои луѓе ги изразуваат своите емоции преку прегратки, бакнежи. Точно е дека во некои култури, во некои општества - како што е Шпанија - оваа форма на контакт е почеста отколку во другите, како што се нордиските култури.“
Како и да е, големот број жртви во Италија, Шпанија и Франција од ковид-19 ги трансформираа овие традиционални манири од секојдневието на југот на Европа. Некои сметаат дека распространетата употреба на маски може да доведе до уште поголема пауза во традицијата со бакнувањето или ракувањето и затоа луѓето треба да се прилагодуваат на новите норми. На пристаништето во Марсеј, рибарот Даниел Реџио вели дека маската го научила да се насмевнува со очите.
„И додаваме зборови за да ги надоместиме гестовите што веќе не можеме да ги правиме, како например „пријател“ или „брат“, вели тој.
Бум на онлајн купувањето поради „седете дома“
Пораките да се седи дома и да се одржува дистанца овозможија на сцената да стапат онлајн услугите - плаќање на сметки, нарачка на храна, купување облека, претстави и концерти онлајн, онлајн платформи за вежбање. Може ли онлајн услугите да ги заменат традиционалното чекање пред банка, вежбање во спортска сала, одење на концерт или спортски натпревар.
Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов вели дека дигитализацијата ни дава предност.
„Дигитализацијата нема да ни зготви ручек, но ќе ни овозможи да ги набавиме сите намирници додека удобно седиме пред телевизор. Секако тоа е избор, не мора да правиме онлајн шопинг“, вели Кодралов.
Тој додава дека секој ќе остане на своите навики.
„Но она што е добро е што дел од граѓаните ќе пробаат, ќе се охрабрат да ги користат онлајн нарачките и онлајн услугите за да видат навистина дека тоа е предност, а не нешто што е закана и страв, па секој ќе може понатаму да одлучи кој начин на купување или трговија ќе го користи“, вели Кордалов.
На речиси половина од 2020 година светот веќе не е онаков каков што го знаеме. Тоа што на почетокот од годината ја потресе само Кина, за брзо време се прошири во целиот свет. Милиони заболени и стотици илјади жртви ги принудија државите да ги затвора своите граѓани дома, да ги затворат границите, животот да го стават на стенд бај. Секојдневието се промени, а многу од навиките ќе останат и во иднина.