Јанушев бара вонредна состојба, Заев вели мора на избори

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, денеска побара од претседателот Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба, и, како што рече, да не потпаѓа под притисоци на Зоран Заев.

„Претседателе Пендаровски, продолжете ја вонредната состојба. Секоја друга одлука од тоа ќе биде само признавање дека одлуката е политичка, и дека се потпаѓа под влијание на Зоран Заев“, рече денеска Јанушев и уште еднаш повтори дека прво треба „да се среди оваа здравствена криза, па потоа да се мисли на избори“.

„Оливер Спасовски и Зоран Заев се неспособни да се изборат со оваа криза. Тоа го покажуваат бројките. Повторувам, избори на 5 јули нема да има“, вели Јанушев.

Во меѓувреме, претседателот Стево Пендаровски објави дека нема да прогласи нова вонредна состојба, и, потенцирајќи опасност од политичка, уставна, па и безбедносна криза, ги повика Зоран Заев и Христијан Мицкоски уште денес да седнат, да ги надминат личните и партиските интереси и да се договорат за датумот за избори.

Претходно, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече дека „тешко им паѓа бројката на новозаболени, но дека избори мора да има“.

„Нема можност за лидерска средба, рече тој, бидејќи нема никакви сигнали од опозицијата за договор за датум, и поради тоа мора да се оди според Уставот. Доколу има договор со сите политички партии да се измени изборниот законик тогаш изборниот ден наместо недела 5 јули, би се пролонгирал до 8 јули среда, а наместо во сабота, болните и изнемоштените би гласале во понеделник и вторник“, изјави Заев и предложи во оваа листа да влезат и луѓето кои поради корона вирусот се во самоизолација.