Група бегалци кои барале азил била злоставувана од хрватската полиција на границата со Босна и Херцеговина минатиот месец, соопшти денеска хуманитарната организација Амнести Интернејшнал (АИ).
„Шеснаесет лица од Авганистан и Пакистан биле киднапирани, претепани и врзани од страна на хрватски полицајци, кои потоа им размачкувале храна по раните“, соопшти Амнести по сведочењето на шестмина бегалци.
Десет мажи се здобиле со сериозни повреди, вклучувајќи скршеници на коските и повреди на главата, а на една од жртвите оттогаш ѝ е потребна инвалидска количка.
Според сведочењето на жртвите, меѓу осум и десет полицајци во црни униформи ги злоставувале бегалците во текот на ноќта меѓу 26 и 27 мај недалеку од Плитвичките Езера, пренесува „Јутарњи лист“.
Според сведоците, полицијата „пукала во воздух, а потоа ги удрила и ги тепала заврзаните мажи со метални шипки и со рачка од пиштол“, се вели во соопштението на Амнести Интернејшнал.
„Полициските службеници потоа им триеле кечап, мајонез и шеќер во раскрвавените глави на бегалците и на косата на другите бегалци“, се вели во соопштението на организацијата.
АИ информира дека подоцна е разговарано со лекари во БиХ, каде биле протерани азилантите, при што тие потврдиле дека бегалците за време на тортурата се здобиле со скршеници, исеченици, модринки, повреди на главата и колапс на белите дробови.
Хрватското Министерство за внатрешни работи сè уште не ги коментираше обвинувањата.
„Европската унија веќе не смее да молчи и намерно да го игнорира насилството и злоставувањата кои ги вршат хрватските полицајци на границата, бидејќи со тоа дава своја согласност и ги охрабрува сторителите да продолжат да го прават истото, без последици“, предупреди Масимо Морати, заменик директор на Канцеларијата за Европа на Амнести Интернејшнал.