Поздрави и поддршки

РУСИЈА - Москва ги поздрави плановите на американскиот претседател Доналд Трамп да повлече повеќе од една четвртина од американските војници во Германија, наведувајќи дека тоа ќе придонесе за зајакнување на безбедноста во Европа.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски на 12 јуни во претпладневни часови ќе има обраќање во кое ќе ги соопшти своите ставови во врска со вонредната состојба, свикувањето нова лидерска средба, како и за одржувањето на изборите, информираше претседателскиот Кабинет.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство соопшти дека во последните 24 часа се направени 971 тестирања и се регистрирани 175 нови случаи на ковид-19, а регистрирани се и пет починати пациенти. Најголем број заразени има во скопската општина Чаир.

КОСОВО - Амбасадите на Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство во Косово ги повикаа денеска политичките лидери во земјата да расправаат за предизвиците со кои се соочува Косово, но бараат од нив да се воздржат од меѓусебни навреди и закани, јави дописникот на МИА од Приштина.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп издаде извршна наредба со која одобри економски санкции и ограничувања за патувања против вработени во Меѓународниот кривичен суд, кои се директно вклучени во истрагата за можни воени злосторства во Авганистан против американски војници и разузнавачи.

БЕЛГИЈА - Европската комисија им препорачува на земјите членки на ЕУ да одобрат отворање на границите со земјите од Западен Балкан од први јули, со оглед на добрата епидемиолошка состојба на регионот, јави МИА од Брисел.

СИРИЈА - Сирискиот претседател Башар ал Асад денеска го разреши премиерот Имад Хамис, во период кога земјата се соочува со сериозна економска криза, соопшти сириското претседателство.

ГРЦИЈА - Нема причина за избори, а приоритет во овој момент е реорганизација на земјата, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателите на локалните ограноци на Нова демократија, со што ги демантираше шпекулациите дека поради големата предност на партијата на истражувањата на јавното мислење, постои сценарио за предвремени парламентарни избори.

КОСОВО - Портпаролот на Движењето самоопределување, Арлинд Манџука, информираше дека во партиското седиште стасала покана од косовскиот премиер Авдулах Хоти за Албин Курти да учествува на лидерски форум за дијалогот со Србија, но Курти нема да одговори на неа.

АЛБАНИЈА - Американскиот државен секретар Мајк Помпео го поздрави постигнатиот договор меѓу политичките партии во Албанија околу изборната реформа. Според шефот на американската дипломатија, овој договор ќе ја зајакне демократијата во Албанија и европската иднина на земјата.